„Дневникот на лудиот 1“ гостува во Театар „Јордан Хаџи-Константинов Џинот“ Велес на 9 април (вторник), 20ч. Ова е 54та изведба на овој проект, текстот на првиот дел е по Николај В. Гогољ, режијата е на Ѓорѓи Ризески а игра актерот Бобан Алексоски, асистент на режија е Тамара Стојаноска во продукција на Театар „Златен Елец“ Скопје. Седма година претставата е актуелна на независната македонска театарска сцена и до сега се играла насекаде низ Македонија, но и надвор од границите на државата, низ годините претставата имаше неколку награди и номинации:
– Награда за најдобра режија за Ѓорѓи Ризески на „БАТТИФ“ Тирана, Албанија (2017);
– Награда за најдобар актер за Бобан Алексоски на „БАТТИФ“ Тирана, Албанија (2017);
– Награда за најдобар актер за Бобан Алексоски на „Лица без маски“ Скопје (2019);
– Награда „ПРЕСПАНСКИ ДИОНИС“ за Бобан Алексоски на „Актерот на Европа“ Преспа, Ресен (2020);
– Номинација за најдобра режија за Ѓорѓи Ризески на Saint Muse Theater Awards, Интернационален театарски фестивал во Улан Батор, Монголија (2020);
– Номинација за најдобар актер за Бобан Алексоски на Saint Muse Theater Awards, Интернационален театарски фестивал во Улан Батор, Монголија (2020);
Дневникот на лудиот“ е авторски проект, трилогија на три монодрами работени по текстови на различни автори (Гогољ, Лу Син и Ги Де Мопасан). Проектот е започнат со работа во септември 2017 година и трае и се надоградува сѐ до денес со успешни 54 изведби на многубројни фестивали и гостувања. Секоја монодрама од трилогијата може да се игра како засебна претстава, но и заедно како поврзана приказна. Проектот ги истражува сите досегашни текстови напишани на тема „Дневникот на лудиот“ и е еден од ретките проекти во Македонија кој се занимава со сериски театар со три продолженија.
„Првиот дел од трилогијата „Дневникот на лудиот“ се занимава со тоа колку е важно да се има поддршка за да се успее во животот, колку сме виновни што сме добиле или не сме добиле од него. Разочарувањето не е одговор, има нешто среќно што го трагаме сите, но многу пречки што самите сме ги создале не ни дозволиле за да конечно го најдеме и му се радуваме до крај. Денес сите некако стравуваат да дадат вистински одговори и владее лицемерие на големо, владеат и лагата и лакомоста. Со една реченица – себичното општество го оштетува човекот до крајот на животот“ – велат од независниот театар за претставата.
Билетите може да се набават на билетарницата од театарот или на сајтот „Купи Карти За Се“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.