Вечерва, 8 ноември, во Големиот салон на галерија „КО-РА“, во Скопје, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата на црно-бели фотографии од Драги Неделчевски, насловена „Дијагноза“.

Станува збор за изложба од 26 црно-бели фотографии – збирка (галерија) на ликови, луѓе (мажи и жени) кои се соочуваат со некој здравствен проблем и решиле својата приказна да ја споделат со фотографот, и со оние што ќе ги видат фотографиите.

Фотографската камера на Драги Неделчевски повеќе сака да ни ја долови аурата отколку самото тело, со своето екстензивно настојување да ги нагласи луминисценциите на животот што кркори низ човековите клетки и самите граници на телесноста, кои во сите случаи се сраснати со околината, облеката, кои дискретно укажуваат дека дур е некој жив, на пример, неговите екстремитети се во динамична целина со трупот, како и едни со други, ќе рече за изложбата Игор Поп Трајков.

Поетесата Ана Голејшка Џикова за фотографиите на Неделчевски вели дека тие се „солидаризација на ниво на личното страдање што може, а и најчесто не е секогаш добредојдено кога е ’јавно‘. А токму тоа е ослободувањето, кога човек ќе ја сподели маката, ќе ја раскаже својата болест, исто како што уметникот го раскажува животот.“

Светлана Сиљјаноска забележува дека „Целта на „Дијагноза“ е да допре и да поттикне многу различни прашања. Драги, како човечки синоним на прекршено табу, можеби и повеќе од кога било, стреми кон пресвртница во молкот и стигмата за тегобата. Побудува отвореност и дијалог што водат кон раѓање емпатија. Па така, „Дијагноза“ е како чекорење низ густа шума, потсетува дека не сме сами во чекорот и низ повик наоѓаме повеќе сопатници одошто би очекувале, за кои никако не сме свесни и не ги гледаме од густата шума”.

Изложбата ќе биде отворена до 15 ноември.

Драги Неделчевски е роден во 1958 година во Тетово, каде што живее и работи. По образование е дипломиран правник, а активен фотограф е повеќе од 40 години. Негов примарен интерес во фотографијата е документарната фотографија.

Од 1980 година е еден од основачите на Фотокино-студиото во Домот на културата во Тетово, а од 2003 година е еден од основачите на Фотогрупата „Чкрап!“ од Тетово.

Автор е на неколку самостојни изложби, меѓу кои: „Фотографии“ [(1992), Тетово, Скопје], „Фотографии“ [(2007), Скопје, со Зоран Андонов и Самир Љума], „Живот во кутија“ [(2009), Скопје, Прилеп, Белград, Сараево, Берн и Нови Сад], „Два погледа на документарната фотографија“ [(2009), Тетово, со Зоран Андонов], „Фотографи(и)“ [(2014), Скопје], „Кратки приказни“ [(2017), Тетово, Струга]. Со Фото групата „Чкрап!“ од Тетово учествувал во проектот „Колективне праксе и фотографија у региону – Фотодокументи 2017“ [(2017), Белград].

Повеќепати е наградуван на многубројни домашни и меѓународни изложби на фотографија. Носител е на звање фотограф I класа што го доделува Фото сојузот на Македонија.

Коавтор е на монографијата „Живот вреден за живеење“ [(2016), со Мимоза Петревска Георгиева и Емилија Георгиевска Наневска]. Коавтор е на фотомонографијата „12 македонски фотограф(к)и“ [(2019), со Никола Гелевски].

Драги Неделчевски е ментор на програмата „Курс по фотографија“ во SKALA School – Џолев и уметностите од Скопје и колумнист во SKALA Magazine, првата студентска платформа во Македонија за дизајн и современа уметност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.