Со претставување на дел од творештвото и разговор со двајца автори, искусни новинари, уредници и колумнисти синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје започна 12. Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје.

На првата фестивалската вечер публиката имаше задоволство да ја истражи динамиката на Борис Дежуловиќ од Хрватска и домашниот автор Ѕвездан Георгиевски, чие творештво се движи во истите новинарско-авторски води, но со различни пристапи и сензибилитет. На гостите на фестивалот добредојде им посакаа идејните творци на фестивалот – Дејан Трајкоски, Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски. Поради здравствени причини, најавената авторка од Бугарија, Рене Карабаш не можеше да присуствува на отворањето, информираат од „Прозарт Медиа“ кои се организатори на настанот.

Тие додаваат дека Борис Дежуловиќ, некогашен соборец на Предраг Луциќ во „Ферал Трибјун“, веќе дваесет години е колумнист во хрватските неделници и дневни весници. Со своите колумни со години, велат, отвора значајни и чувствителни теми за хрватското општество поради што неговата работа многупати беше напаѓана и критикувана. За Хрватска денес вели дека кога ќе се гребне под површината излегува смрдлив гној кој не е излечен уште од 90-те години.

– Хрватска лично за мене денес е полоша од тоа што беше во 90-те. Кога веќе зборуваме за поделбата на ваши и наши јас никогаш не се согласив да бидам наш, уште во Југославија, а камоли во Хрватска. Тој нашизам е всушност новиот фашизам. Сите наши нации се „нашистички“ нации оти сите го гледаме само нашето. „Како некој не е наш“, односно ваш. Во време на црните 90-те, во екот на војната, никогаш не сум имал проблем да шетам по Сплит, никогаш не сум имал никаква непријатност иако како редакција на „Ферал Трибјун“ сме доживувале најлоши работи. Денес по 30 години секој кретен во Сплит има потреба да задева, да потфрла и фала Богу не сме стигнале до тоа физички да ме напаѓа. Но, таа атмосфера во општеството е неспоредливо полоша. Јас побегнав од Сплит, зашто тоа е смртоносна комбинација на два најголеми ужаси на мојот живот, а тоа се фашизмот и туризмот. Е, во Сплит тие две се споија во комбинација од која морав да побегнам. Јас го сакам Сплит најмногу на светот, но за жал, тој веќе не е мојот град, истакнал Дежуловиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.