Професионални актери и аматери од Куманово, Прилеп и Струга вечер ќе ја изведат театарската претстава за деца и младинци „Петар Пан- Големата битка“ на отворено, на местото викано „Кајакарско“ во Струга.
Претставата, како што информира Здружението за култура и уметност Арт Манија од Куманово, е адаптација на сегмент од истиоменото дело на Џејмс Метју Бари и на интересен, хумористичен и автентичен начин како наративно, така и визуелно ја прикажува битката помеѓу бандата на капетан Кука од една страна и Петар Пан со Венди, Џон и Мајкл од друга страна.
Пристапот кон претставата е невообичаен, впрочем се одвива во природа користејќи ги нејзините бенефити за сценографски решенија. Така претставата делумно се одвива на копно во шумест предел, дел на вода и дел непосредно пред самата публика. Дружењето во живо со Петар Пан, Венди, Капетан Кука, гусарите, индијанците и целата Недојдија долетаа во Струга. Затоа не пропуштајте ја шансата да полетате во магичниот свет на Петар Пан, па дури и на еден час, соопшти организаторот.
Актерскиот тим го сочинуваат: Ѓорѓи Крстески, Дарко Карбески, Мишо Димитриjевски, Чедомир Митевски, Виолета Лазароска Куцуловска, Иларија Гулеска, Андреј Мандоски, Александар Мандоски, Милко Нестороски, Викторија Попоска и Евгенија Узунова.
Претставата е во соработка со НУЦК „Браќа Миладиновци”, Струга и кајакарскиот клуб „Црн Дрим“ од Струга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.