На 11 јули во галерија „Академија“ на Националната академија за ликовни уметности во Софија, со почеток од 18:30 часот, ќе биде отворена групната ликовна изложба „Средба од десетти вид“. Изложбата е резултат од соработка меѓу Културно-информативниот центар на Република Македонија и Националната академија за ликовни уметности, дел е од проектот „Поврзување“, кој оваа година ја одбележува својата 10-годишнина. Со настанот започнува и одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Бугарија.

Учествуваат авторите: Гордана Вренцоска, Дејан Иванов – Маргуш, Јана Манева-Чупоска, Беди Ибрахим, Маријана Иванова, Перица Георгиев – Пепси, Павел Целкоски, Марјан Ѕингаров, Иво Пецов, Ненад Микиќ, Зоран Мише, Момчил Мирчев, Свилен Стефанов, Росен Тошев, Рикардо Кварежма Виејра, Валтер Праташ и Золтан Ференц.

Изложбата е составена од над 50 дела од областа на цртежот, графиката, сликарството, скулптурата, фотографијата, дигиталната графика и видеоарт. За љубителите на ликовната уметност изложбата ќе биде отворена до 30 јули 2023 г.

Почетокот на проектот „Поврзување“ на КИЦ на Македонија е поставен во 2012 година и прескокнувајќи ја единствено 2013 година продуцира ликовни изложби до денес, а со тек на времето списокот на автори се зголемува и збогатува. Кон базичната група „Конекција“, составена од уметници од Македонија кои живеат и работат во Бугарија, постепено се вклучуваат и македонски уметници кои имаат активна уметничка дејност во Македонија, како и бугарски уметници кои имаат изјавен творечки пат. Оваа година кон изложбата се вклучени и дела од романски и португалски уметници.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.