Невладината организација Хрватско-македонска тангента организираше културен маратон со голем број содржини за третите Денови на македонската култура во Шибеник, по повод Денот на независноста – 8 Септември.

-Вљубениците во културата имаа можност во текот на четири дена, од 2 до 5 септември, да проследат цела лепеза на настани преку кои се претставува македонската култура, се развиваат нови можности за соработка, се продлабочуваат и прошируваат врските, не само меѓу Хрватска и Македонија, туку пошироко во регионот. Допирите на пријателство, по одржаниот настан, стануваат се појаки и пошироки, а вистинско задоволство е за Македонците во Хрватска кои имаат можност да претстават дел од својот културен идентитет во Хрватска, соопшти организаторот на манифестацијата.

Таа опфати промоција на книга, книжевни разговори, поетски читања, предавања, изложба…со учесници од Загреб, Шибеник, Задар, Сплит, Скопје, Белград…

Меѓу гостите беше и третиот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој е почесен член на Хрватско-македонската тангента.

На свеченото отворање на Деновите на македонската култура во Музејот на град Шибеник,  на проф. д-р Иво Јосиповиќ му беше доделено признанието „Пријател на Македонија“ кое му го врачи претседателот на Тангентата, Сашо Георгиевски.

Во рамки на манифестацијата во тек е изложбата „Тангано плавон“  на сплитскиот Македонец, Зоран Стоилов. Како што соопшти организаторот, изложбата, која предизвикала голем инстерс во јавноста, ќе биде отворена до 13 септември. Организирана во соработка со Македонското културно друштво „Македонија“ од Сплит.

Хрватско-македонска тангента ги организира Деновите на македонската култура со поддршка од Советот за национални малцинства во Хрватска, Градот Шибеник и туристичките заедници на Град Шибеник и Зларин. Покровител е градоначалникот на Шибеник  Жељко Буриќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.