Во Културно информативниот центар на Македонија во Загреб денеска ќе се одржи литературната манифестација „Денови на македонска литература за деца 2023“.
На манифестацијата ќе биде презентирана монографијата и литературата за деца како императив во десетгодишното работење на „ЕДУКА МАК“, а ќе бидат промовирани неколку понови книги за деца. Како што е најавено, обраќање ќе има директорката на КИЦ на РМ во Загреб, Наталија Поповска и програмскиот уредник на проектот, Ели Маказлиева.
Книгата за деца „Во светот на децата“ избрана на конкурсот за наградата „ Пишувалки – Патувалки“ ќе биде промовирана од страна на дел од членовите на жири комисијата присутни на настанот, а на авторката Марија Богатиновска ќе ѝ биде врачена плакета. На другите учесници и соработници во проектот ќе им бидат доделени признанија и благодарници.
Програмата за оваа манифестација е богата со настани и програмски активности што ќе се реализираат и во текот на наредниот ден на 10.11.2023.
Во рамки на манифестацијата, која ќе трае до 11 ноември, меѓу другото учесниците ќе посетат една детска градинка и ќе разменат искуства за користење на литературата за деца, ќе го посетат Македонското културно друштво „Охридски бисер“ и ќе разменат искуства како и ќе остварат средби со хрватски издавачки куќи на Меѓународниот саем на книгата „Интерлибер“, каде ќе реализираат меѓусебни договори за размена и превод на книги за деца.
Како што соопштија организаторите, преку проектот „Денови на македонска литература за деца 2023“ во КИЦ на РМ во Загреб се афирмира домашното литературно творештво и се придонесува за збогатувањето на културната размена меѓу Македонија и Хрватска. За таа цел планирано е да се потпише Меморандум за меѓусебна соработка до цел размена на лиценци и превод на книги за деца на хрватски и македонски јазик.
Проектот е поддржан од македонското Министерство за култура и од издавачката куќа ЕДУКА МАК од Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.