Во рамките на програмата „Денови на македонската култура” во Шибеник, невладиното здружение Mакедонско-хравстка тангента од денеска до 5 септември нуди вистинско литературно, музичко и уметничко задоволство.
Денеска во Музејот на град Шибеник ќе се одржи отворањето на „Деновите на македонската култура“ со промоција на книгата „Опсегот на една визија“ од Сашо Георгиевски, претседател на здружението и амбасадорот Љупчо Арсовски.
На отворањето се очекува доаѓањето на македонскиот амбасадор од Загреб, Милаим Фетаи, како и на директорката на КИЦ од Загреб, Наталија Поповска.
Добитникот на високата награда „Пријател на Македонија“, која Македонско-хрватска тангента ја доделува во знак на благодарност за долгогодишната соработка и искрена поддршка на пријателството меѓу Хрватска и Македонија во областа на културата, уметноста, економијата и политиката, е третиот хрватски претседател Иво Јосиповиќ, кој е и почесен член на здружението.
Утре на островот Зларин е предвидено да се одржи културната манифестација „Од остров на земја, до остров на море“. Настанот е од меѓународен карактер и на едно место собира писатели, публицисти и новинари од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и други земји од регионот.
Од Скопје ќе допатуваат Иван Додовски, декан на Факултетот за политички науки на Универзитетот Американ колеџ Скопје и Владимир Симоновски, скулптор. Во Зларин, познатиот метеоролог Момчило Живковиќ, директор на метеоролошката компанија Сева од Белград, ќе одржи предавање на тема „Клима и море“.
На 4 септември се планирани литературни разговори, а на 5 септември предавање на професорот Слободан Черовиќ, декан на Универзитетот Сингидунум во Белград, на тема „Улогата и значењето на човечкиот капитал во современиот туризам и угостителство“. Истиот ден во галеријата на библиотеката ќе биде отворена изложбата „Тангано плавон“ на Македонецот Зоран Стоилов од Сплит.
Деновите на македонската култура во Шибеник се одржуваат во соработка и со финансиска поддршка на Советот за национални малцинства на Република Хрватска, градот Шибеник и туристичките одбори на градот Шибеник и Зларин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.