Денеска се заокружуваат 53 години од отворањето на објектот на Музејот на современата уметност – Скопје.

И така, уште пред да почне да се ѕида оваа зграда, таа беше создавана од невидливите нишки на симпатија и човечка солидарност, како залог за иднината на човештвото. Длабоко е чувството на нашата благодарност спрема сите оние што уште повеќе со дух и срце, отколку со материјалниот придонес, ја создавале оваа зграда и овој дом на уметноста. Длабоко е нашето чувство на одговорност спрема самата идеја на братство и солидарност меѓу луѓето во нашата земја и во целиот свет. Една ваква зграда се прави за широка комуникација со светот. Таа не е забутана во балканско сокаче, ами е исправена на овој брег откаде што со еден широк поглед се опфаќа и старото и новото Скопје и широките предели наоколу. Во вакви светли зданија нема место за лилјаците на еснафштината и не треба да има катчиња, каде што ќе можат да се бесат. Вакво здраво тело бара здрав дух. Од таков дух тоа е зачнато – од чувството за соработка и солидарност во културната акција за утврдување на човечките вредности. Како бел лебед нека се раскрилува оваа зграда на мирниот брег на градот Скопје, рекол Блаже Конески на отворањето на МСУ, на 13 ноември, 1970 година.

И до денес, МСУ ја носи во наследство солидарноста, што подразбира практикување и споделување на оваа вредност по принципот на отвореност и дијалог, водејќи кон работа заснована не нужно само на настани, туку на процеси, користејќи некои од стратегиите својствени за начините на кои современите уметници денес работат. И кога велиме НАШИОТ музеј, кој следната година ќе одбележи 60 години од постењето, мислиме на Отворен Музеј, Музеј за сите, слоган кој ги одразува етичките координати на МСУ лоцирани во потребата за вклучување на граѓаните во работата на музејот без оглед на нивните економски, социјални, политички и културни разлики.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.