Денешната отворена средба на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска со членовите на СКРМ помина во позитивна атмосфера и го означи почетокот на потесната соработка меѓу министерството и синдикатот, соопшти СКРМ.

Вработените имаа можност директно да и’ соопштат на Министерката за проблемите со кои се соочуваат, како што се: супстандардни услови за работа, непочитување на одредби од колективниот договор од страна на директорите, мобинг од раководните лица, несоодветни систематизации, ненавремена исплата на плата во локалните установи и уште многу други проблеми. Иако е релативно кратко на функцијата, Министерката покажа дека е многу добро запознаена со голем дел од проблемите и изрази разбирање, подготвеност и ентузијазам за надминување на сите предизвици во најкус можен рок. Исто така, таа повторно потврди дека со покачувањето на минималната плата, ќе бидат покачени платите на сите вработени во културата согласно одредбите во Колективниот договор.

СКРМ им се заблагодарува на Министерката и сите присутни за дискусијата и сметаме дека искрениот дијалог е вистинскиот пат за нормализирање на состојбите во културата и градење доверба меѓу социјалните партнери, објавија на својот фејсбук профил од СКРМ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.