Фестивалот „300 Работи, Триста“ започнува денес во Битола , а овој настан, кој го слави креативниот израз и уметноста, ќе ги обедини различните форми на уметничко изразување во единствено и незаборавно дводневно искуство.
Игор Трајковски – Фоја кој е организатор на фестивалот пред официјалното отворање вели:
-Ова е 12 последователно издание на фестивалот кој обединува секаков вид на собремени уметности. Горд сум што се јавувам како уредник на еден ваков уметнички крик кој во целост соодветствува со приликите, случувањата и околностите во нашата држава, Европа и светот. Како и минатите изданија, и сега имаме прекуокеански автори, со што и овој број несомнено е интернационален. Со задоволство можам да кажам дека и ова издание ќе стане дел Чешката национална библиотека во Прага, продолжувајќи ја мисијата која ја започнав како претседател на ЛАТЕРАЛ уште во 2017 година, а тоа е да се зголеми бројот на публикации на современ македонски јазик и од современи македонски автори, како во државата така и во Европа и светот.
-Нека „300 Работи Триста“ биде симбол на македонската креативност и надградба во областа на културата, уметноста и урбаното живеење, додава Игор Трајковски – Фоја.
Денес на платото пред Офицерскиот дом – Битола во 20 часот ќе биде отворена “Изложба на уметнички слики: Пештерскиот човек „Schickimicki” на уметникот Иван Коцка Јанчев, кој живее и работи во Кина. Потоа во 21 часот битолчани ќе гледаат видео Арт: “Битолска Берза“.
Утре на истата локација во 20 часот ќе биде промоцијата на зборникот „Колегиумски записник 011“, потоа ќе имам проекција на два кратки македонски филма„Само ѓаволот се плаши од вода“ и „Еден тон сладолед“. Настап ќе има и битолскиот бенд “Sound Waves”, пропратен со видео колаж, проекција на склоп од култни сцени од филмови од 80-ти и 90-ти со рок естетика, создавајќи уникатно визуелно и музичко искуство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.