На денот на својот 79.роденден (15 ноември) Градската библиотека „Браќа Миладиновци“- Скопје ја претстави дигиталната колекција Анте Поповски, дел од отворениот ресурс Дигитална библиотека.

-Дигитализирањето на творештвото на Анте Поповски е наша силна заложба за негово доближување до сите истражувачи, студенти, средношколици и негово афирмирање, зашто Анте е еден и голем, не само поет, туку и мислител, општественик. Благодариме на довербата на неговото семејство, тие се пример како се чува оставнината, како се чува татковината, затоа што делото на Анте за сите нас е токму тоа, татковина – истакна директорката на ГБСК, Снежана Стојчевска.

Дигитализацијата е резултат на договорот за соработка со семејствотo и со Здружението „Атево перо“. Тие на библиоетеката ѝ отстапија книжен и некнижен материјал, дигитализиран од д-р Атина Цветановска, која докторираше токму на творештвото на академикот и поет Поповски. Колекцијата беше дополнета со објекти за кои библиотеката доби дозвола за дигитализација, а процесот на заедничко работење се совпадна и со два големи јубилеја: 60 години од објавувањето на книгата „Непокор“ и 40 години од објавувањето на „Сина песна“.

-Создавањето дигитални отпечатоци и ваквиот начин на документирање се придонес кон зачувување на македонската историја и можност за идна континуирана афирмација на македонскиот јазик и култура, како кај нас, така и во странство. Среќни сме што во Градската библиотека препознавме сериозен партнер и сојузник кој работи во насока на зачувување на трајните вредности – истакна Жорж Поповски, син на великиот Анте Поповски.

Пред многубојните студенти, средношколци, професори, научни истражувачи и библиотекари, за дигитализацијата говореа Гордана Андреева (советник библиотекар), Андријана Апостоловска (советник библиотекар) и Ивона Џамтоска Јанкуловска (виш библиотекар).

-Одделот за дигитализација во ГБСК започна да работи во 2007 година со оскудна опрема, но преку постојано стручно усовршување го подобривме процесот и апелираме до надлежните институции за поголемо разбирање за нашите потреби и проблеми. Само така ќе можеме да држиме чекор со европските библиотечни трендови и на идните генерации да им оставиме поголеми можности за учење и истражување – истакна Андреева од Одделот за дигитализација.

По презентацијата, студентите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ интерпретираа стихови од Анте Поповски достапни токму на дигиталната колекција.

Промовираната колекција е еден од клучните проекти на Библиотеката за оваа година, заедно со кампањата „Читаме современи македонски автори“, работилницата за креативно пишување за средношколци и проектот „Полска на полица“.

Свеченоста беше заокружена со доделување пофалници за работа на пензионираните библиотекари и најава за големиот јубилеј 80 години постоење на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во 2025 година.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.