Музејот на Современа уметност синоќа беше претесен да ги прими сите што дојдоа на отворањето на изложбата на сликарот Петар Лубарда, еден од родоначалниците на модерната уметност во поранешна Југославија, по потекло од Црна Гора. На изложбата , организирана година кога се одбележуваат 6 децении од скопскиот земјотрес, се прикажани дела на Лубарда од колекцијата на МСУ, од кои 26 уметникот ги подарил веднаш по земјотресот, во знак на солидарност. Со тоа тој се вбројува меѓу најголемите дарители на МСУ.
Овој гест е значаен и од аспект на формирањето на Музејот на современа уметност во Скопје. И може да се каже дека бил иницијација за создавање на оваа престижна институција, што посебно не радува. Врските меѓу нашите народи и во бившата држава беа силни и продуктивни, а сигурна сум дека така е и денес, вели Маша Влаовиќ- министерка за култура и медиуми на Црна Гора
Ова не е само една обична изложба. Сега по долго време сме со сите 52 подарени дела од големиот црногорски и светски уметник Петар Лубарда. Оваа изложба на дела што се предодредени на вечност, е тестамент во кој е втисната меморијата на постземјотресно Скопје и на МСУ, изјави Бисера Костадиновска- Стојчевска, министерка за култура
Слики во техниката масло на платно и лесонит, акварели, цртежи, скици и студии , го доловуваат развојниот творечки пат на Лубарда. Работени во експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, овие дела преставуваат раскрстување со наметнатото соцреалистичкото сликарство.
Постепено настапува преодот од она што било некој вид догматски соцреализам. Југословенското општество било пред предизвикот да се трансформира и да се отвори кон модерен израз, изјави Владимир Јанчевски- кокуратор на изложбата
Изложбата вклучува и архивски, публикувани и видео материјали за творештвото на Лубарда. А, ќе биде отворена до крајот на овој месец.
фото: Маја Јаневска- Илиева
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.