Во престижниот простор Кунстхале во Виена, кој е дел од музејскиот кварт, еден од најголемите европски културни центри, утревечер ќе биде отворена изложбата „Ниту едно чувство не е конечно- Скопска колекција на солидарноста“.
„За првпат во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје, како резултат на соработката меѓу двете уметнички институции МСУ – Скопје и Кунстхале – Виена. Изложбата е курирана од уметничките директори на Кунстхале Виена, кураторскиот колектив What, How & for Who што го сочинуваат Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ“, велат од МСУ.
Кураторките поканија четири меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка, настаната преку светската солидарност.
„Колекцијата на МСУ е како временска капсула во која е сочувана меѓународна уметност од најславните денови на модернизмот. Поканивме шест уметници: Брук Ендру (Мелбурн), Јане Чаловски и Христина Иваноска (Скопје), Синиша Илиќ (Белград), Иман Иса (Берлин) и Ѓулсун Карамустафа (Истанбул). Секој од нив избра дела од колекцијата на МСУ и ги охрабривме да изложат свои дела, правејќи интимна врска меѓу делата на големите уметници и нивната уметност. Она што е заедничко за овие уметници е нивниот посебен пристап кон препрочитување и преработка на историите на уметноста и општеството. Покрај нив ја поканивме и фотографката Елфи Семотан (Виена), која е позната по раскажување приказни преку фотографии. Таа направи фотографии од градскиот пејзаж на Скопје и МСУ. Дополнително, од писателката Барби Марковиќ (Виена), позната по остриот спој на фикцијата и социјалната реалност, побаравме да напише патопис за нејзиното искуство од соочувањето со сложените и слоевити истории на Скопје“, велат од кураторскиот тим “What, How & for Whom“.
Според директорката на МСУ, Мира Гаќина соработката со Кунстхале е несомнено еден од најкомплексните проекти до сега и настан од национален интерес за нашата земја.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и околу 50 дела од современите уметници, вклучени во овој проект. Од колекцијата на МСУ, за Виена патуваат дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и др.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.