Во палатата „Пизани-Реведин“, во близина на мостот „Ријалто“, во самото јадро на уникатната Венеција, од вечерва, 19 јули (18.30 часот), ќе бидат поставени дела на 31 македонски уметник. Проектот се реализира на идеја и со кураторство на Љупка Делева, македонска уметница која живее и работи во Венеција, а беше инициран од големата поплава која во Венеција се случи во 2019 година кога градот бил поплавен во огромни размери и имал големи материјални штети. На апелот на Делева, триесетина македонски истакнати визуелни уметници подарија свои дела како израз на солидарност и емпатија која ги поврзува народите.
На изложбата се поставени дела на Ладислав Цветковски, Микица Трујкановиќ, Симонида Китановска, Нада Прља, Љупка Делева, Жанета Гелевска Вељановска, Гоце Наневски, Александра Димитрова, Крунислав Стојановски, Ана Спасова, Марина Лешкова, Страхил М. Петровски, Јана Манева-Чупоска, Ана Трајковска, Ива Станковска, Дарко Марковиќ (донација од Соња Абаџиева), Дијана Томиќ Радевска, Александар Таневски, Зоран Јакимовски, Борис Шемов, Венко Цветков, Колектив Зеро, Дороти Пачкова, Ленче Ламбевска Гулевска, Маја Димитрова, Дарко Аницин, Гордана Винчиќ, Таневска Тања, Предраг Тасиќ, Новица Трајковски и Виолета Чаповска.
На покана од Делева, на отворањето на изложбата Ирена Павлова Де Одорико, нашата позната писателка, критичар и новинар која живее во Венеција ќе чита поезија на македонски и италијански јазик, а италијанско-македонската фамилија Гарбин Јовановски од Венеција, ќе раскаже како им се роди идејата да се создаде италијанска верзија на хитот од Дац и Александар, „Уште ми фалиш” и за соработката со афирмираниот македонски оперски пејач во Италија, тенорот Благој Нацоски, при што песната беше препеана под името “Mi manchi ancora“…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.