Дејан Пројковски со претставите „Ричард трети“ и „Ана Карењина“, е македонски претставник на 10.издание на Светската театарската олимпијада

После изведбата на претставата „Ричард трети“ во режија на Дејан Пројковски,во Печ, Унгарија, уште една негова претстава беше дел од 10. издание на Театарската олимпијада која оваа година се одржува во Унгарија.

Се работи за претставата „Ана Карењина“ чија изведба се одржа во Кечкемет. Двете претстави се во продукција на театарот од Нови Сад.

Ова ремек дело на Толстој, можеби најпознатото од ерата на реализмот, оживува сцената во Новосадскиот театар и е една од најпосетуваните претстави не само во земјата, туку и во регионот.

Имено, оваа претстава ги понесе и наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврџава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање, “Позоришно пролече“ во Шабац и други, беше рангирана и во најдобрите пет претстави во театарската сезона 2019/2020, според проценката на порталот „Едит култура во Белград“.

Со овие награди, „Ана Карењина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.

Ана Карењина наизменично ја играат Марта Береш и Тимеа Филип.

Во претставата играат: Атила Немет, Арпад Месарош, Золтан Сирмер, Џудит Ласло, Габор Понго, Бланка Диенеш, Агота Ференц, Роберт О Швар, Ливиа Банка, Терезија Фигура, Мартин Бохоки и др.

Кореографка на претставата е Олга Панго, музиката е на Горан Трајкоски, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографка е Марија Пупучевска.

Претставата „Ричард трети“ во режија Пројковски претходно беше изведена во Печ, во рамките на Театарската олимпијада.

Оваа претстава е исто така добитник на многубројни награди и тоа: наградата за најдобра театарска режија – за цела театарска сезона во Србија, според Belgrade Edt Culture, блог за куктура; апсолутен победник на театарскиот фестивал во Младеновац, и тоа ги доби наградите за најдобра претстава и од жирито и од публиката.

Главната улога во претставата ја толкува Арпад Месарош, а играат и Габриела Црнковиќ, Ливиа Банка, Атила Немет. Тука е и Олга Панго, која беше задолжена за сценското движење во претставата. Сценографијата е на Валентин и Сергеј Светозарев, а музиката на Горан Трајкоски.

Пројковски со години наназад има успешни проекти со театрите низ Балканот, па така ја потпишува режијата и на претставите „Дервишот и смртта“ во Бања Лука, „Браќа Карамазови“ во Софија, „Орестија“ во Сплит, „Ромео и Јулија“ во Истанбул, „Опасни врски“ во Санкт Петербург, „Нема струја за електричниот стол“ и „Инферно“ во Велешкиот театар и други.

Дел од 10-тата театарска Олимпијада се 750 продукции на 400 театарски, танцови и куклени театарски трупи од 58 земји, на кои настапуваат 7.500 изведувачи. Програмите се одржуваат во речиси 100 места низ целата земја. Олимпијадата ќе се одржува до 1-ви јули.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.