Министерството за култура информираше дека е отворен конкурсот „Цртај на македонски јазик“ за 2022 година, наменет за млади автори и уметници од независната културна сцена.

Од Министерството посочуваат дека целта на конкурсот е преку различни културни активности да се поттикне создавањето на дела со употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и да се обезбедат услови за создавање нови форми на културно изразување, во кои преку различни медиуми ќе се користи македонскиот јазик, со кои ќе се осовремени и раздвижи културната понуда.

Според конкурсот, предлог-проектите можат да бидат од некоја од областите на уметничкото творештво и задолжително треба да содржат зборови на македонски и македонското кирилско писмо како што се: графити, ликовни интервенции во урбан простор, налепници (стикери) за социјални мрежи и канали за комуникација (Вибер, Инстаграм…), самостојни и групни изложби.

Предност ќе имаат млади автори до 30 годишна возраст кои за првпат конкурираат, како и мали проекти кои како активност се планирани да се реализираат во наведениот период со користење на македонскиот јазик.

Конкурсот ќе трае од денеска па до 5 јуни, а манифестацијата ќе се одвива од 15-ти јуни до 15-ти јули.

Повеќе информации за конкурсот може да најдете на следниов ЛИНК.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.