Со доделувањето на фестивалските награди и проекција на филмот „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, вечерва во Синеплекс, со почеток во 20 часот, свечено ќе биде затворено 8. издание на МФФ Киненова.
Драган Бјелогрлиќ е еден од најголемите и најзначајни српски актери, режисери и продуценти и еден од најуспешните филмски создавачи низ сите простори на поранешна Југославија. Неговите три филма на кои тој се потпишува како режисер се видени од повеќе од 2,5 милиони гледачи во кино салите. Со неговите филмови тој има учествувано на повеќе од 100 меѓународни филмски фестивали.


Филмот кој вечерва ќе може да се погледне не враќа во октомври 1958 година, во екот на кризата од Студената војна, група на комунистички научници од Институтот Винча Во Србија, спроведуваат таен проект предводен од професорот Драгослав Поповиќ. Поради непредвидени околности, тие се изложуваат на смртоносна доза на радиоактивно зрачење од ураниум, поради што југословенската тајна полиција ги носи на лекување во клиниката Кири во Париз. Францускиот медицински тим предводен од професорот Жорж Мате заклучува дека нивната состојба е критична и дека нивните денови се избројани. Иако професорот Мате целиот свој живот го има посветено на борбата против нуклеарното оружје и длабоко го презира проектот на кој работеле југословенските научници, тој предлага за прв пат во историјата да се спроведе деликатна и неизвесна интервенција за замена на коскената срцевина на озрачените пациенти. Дали е тоа експеримент врз живи луѓе или навистина сака да им помогне – станува мачно прашање за југословенските научници. Засновано на вистинска приказна.


„Чуварите на формулата” е копродукција меѓу Кобра Филм и Тон Филм од Србија, Скопје Филм Студио од Македонија, Перфо Продукција од Словенија и Битер Фрејмс од Црна Гора, поддржани од националните фондови на овие земји и Еуримаж. Драган Бјелогрлиќ е и продуцент на филмот со Драган Шолак, а копродуценти се Мирослав Могоровиќ, Алеш Павлин, Андреј Штритоф, Томи Салковски, Ѓорѓе Војводиќ и Дејан Чакајац.
Одлуката за фестивалските наградите ќе ја донесе меѓународното жири во состав: Лех Мајевски, Дебора Ван Дам и Дејан Дуковски, а дизајнер на наградите е Димитар Филиповски.
Изминативе денови публиката можеше да погледне осум долгометражни и 18 кратки филмови, но и да ужива во богатата понуда на полски филмови од партнерскиот фестивал „Висла“, земјата во фокус- Кипар, како и работилницата за професионално менторство на филмските сценарија на македонските и европските филмски автори од страна на потврдениот и признат европски сценарист, режисер, директор на фотографија и продуцент Лех Мајевски.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.