„Чудесната судбина на Амелија Пулен“ беше третиот по ред игран филм на кој имав работено. Тој филм ми го промени животот, изјави францускиот кинематографер Бруно Делбонел, добитник на Златна камера 300 за животен опус на 45. издание на Интернацнионалниот фестивалл на филмска камера (ИФФК) „Браќа Манаки“ кое е во тек во Битола.
Делбонел говореше во преполната сала на киното „Манаки“ во Битола.
Филмот имаше голем успех. Бев среќен кога го снимивме филмот. Тоа беше пред 25 години. Употребив четири филтри за да ја добијам таа крваво црвена боја во филмот. Повеќе нема да го правам тоа, на шега рече Делбонел.
Делбонел на почетокот од разговорот скромно, за себе кажа дека е само кинематографер, татко и обичен човек. Тој со филмот „Чудесната судбина на Амелија Пулен“, на 44 годишна возраст, достигнува светска слава и во овој филм креира визуелно маестрално ремек-дело, рефлектирајќи го бајковитиот, обично – необичен свет на Амелија. Публиката погледна неколку сцени од филмот.
Кога го снимавме филмот „Амели“, во тоа време не мислев дека правам нешто посебно, немав такво чувство. Не ме водеше мисла ‘Е сега ќе направам нешто извонредно’. Но, сепак бев среќен во тоа време кога го снимивме филмот,
Тој кажа дека кога би требало сега да го сними истиот филм, не би го снимил воопшто на истиот начин. Но, поентата е, како што додаде, да се расте, да се созрева и да не се прават истите работи повторно.
Ако филмот е добар, сите го слават режисерот и кинематограферот, но ако филмот не е добар, тогаш велат дека режисерот не чини, а кинематограферот никој не го спомнува и тоа е добро, се пошегува Делбонел.
Бруно Делбонел е најновиот член во Клубот на великаните на „Браќа Манаки“. Изодувајќи го патот од лауреат на Специјалната Златна Камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност, што Фестивалот „Браќа Манаки“ му ја додели во 2011 година, по 13 години Делбонел им се придружува на светските кинематограферски великани, сега закитен со „Златна камера 300 за животен опус“.
Роден е во 1957 година во Нанси, Франција. Студирал филозофија на Сорбона, а дипломирал во 1978 година на ESEC (Ecole Superieure d’Etudes Cinematographique), популарна и ценета школа за кинематограферски студии во Париз. По дипломирањето, Делбонел пројавил афинитет и кон режија, па во 1989 година го режира долгометражниот документарен филм инспириран од светот на циркусот – „Големиот циркус“ / THE GRAND CIRCUS, но потоа ja продолжува својата кариера како кинематографер, создавајќи завиден опус во соработка со многумина значајни француски и светски режисери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.