Актерот Благој Чоревски, писателката Винка Саздова и ликовниот уметник, Костадин Танчев- Динка ги понесоа младите во светот на културата во рамките на првата конференција „Чувари на мудроста“ која во петокот се одржа во малата сала на Филхармонијата во присуство на 300 посетители. Ѓорѓијевска посочи дека иако се сите во пензија, активно работат секој на свето поле: Чоревски уште активно игра во претстави, Саздова пишува, а Танчев создава дизајн.

Винка Саздова, една од најчитаните авторки кај нас, е основач на Издавачкиот центар ТРИ. По дипломирањето не можела да се вработи како психолог, па почнала како новинар во култура, продолжила во издавачка куќа додека не одлучила сама да почне свој бизнис во издаваштвото. Сите ѝ се чуделе зошто од сите удобности на големата компанија решила на почне од нула.

Мене многу ми беше важна слободата. Без слобода, нема креација. Кога синовите пораснаа, го презедоа цел издавачки бизнис, а јас конечно можев да го правам тоа што најмногу сакам – да пишувам и да шетам по планините, рече Саздова и им порача на младите дека нема поинаков пат – сè се учи на своја кожа.

Костадин Танчев- Динка раскажа како од Училиштето за применета уметност во Скопје продолжил на студии во Белград. Таму учествувал на осум конкурси и сите ги добил. Професор му бил Милош Ќириќ кој го постави концептот на визуелната уметност. Динка им порача на младите дека дизајнот е многу широк поим, има огромна примена.

Јас отсекогаш бев многу тврдоглав, секогаш свој на своето. Не се сеќавам дека некогаш сум направил отстапки и секогаш сум давал само едно решение за нарачан дизајн. Денес нештата се поинакви. Неопходна ни е темелна реформа на образовниот систем. А дизајнот, тој е понижен, стана сервисна дејност , рече Динка, кој по завршувањето на панелот уште еден час разговараше со студентите пред Филхармонијата.

Благој Чоревски, еден од најнаградуваните актери во историјата на македонскиот театар, вели додека го држи умот и телото, нема да престане да игра. Роден во актерско семејство, откако знае за себе, тој е дел од театарот. А за да бидеш глумец, треба Бог да ти даде, но не треба да оставите само на Бога.

Ние живеевме во други времиња, имавме поинаква дисциплина. Сè уште одам во театар 1,5 час пред да почне претставата, проверувам сè, дали е на место. Улогата не се гради едноставно, нема тука лага, морате да влезете во неа. Младите секогаш ги поддржувам, но за да се нафатам да подготвувам некого, мора да постои талент. Страшно е да подготвуваш некого што не го бидува и да го внесеш во уметноста. Ќе му направите голема штета, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.