Четвртото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи во периодот од 29 мај до 1 јуни на неколку локации во Скопје, и тоа во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“.

Како што најавуваат организаторите, ќе гостуваат поети од Норвешка, од Ирска, од Словенија, од Грција, од Хрватска и од Србија, а ќе настапат и дваесетина домашни поети! Официјалното отворање е закажано за 30 мај во 20:00 часот во МКЦ.

Мотото на годинешниот фестивал е „Борба. Не војна!“, а автор на постерот е Андреј Павлов.

Во програмата на фестивалот се опфатени неколку поетски читања, како и промоции на книги, ликовна изложба, ќе бидат прикажани неколку поетски филмови, ќе се одржи мастерклас за снимање поетски филмови, а ќе се одржи и јога-час и поетско читање во природа.

Годинешното издание на фестивалот го овозможи Министерството за култура, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (HDP), ПНВ Публикации и Хотел Цара 1928. Медиумски покровител е МИА, а медиумски партнери се Радио МОФ, Кајгана, Умно и Култура Бета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.