На 10 септември, со почеток во 20 часот, во Центар-Јадро, ќе биде отворена четвртата самостојна изложба на Јулија Манојлоска.

Секој сегмент на просторната инсталација насловена „Пред будење“, претставува засебен елемент и дело само по себе. Сите форми кои лебдат се различни идентитети. Ако секаде наоколу постојат различни идентитети и ако ние самите понекогаш сме дел од нив, лебдењето на истите го ставаат уметникот во улога на лутање по есенција. Секоја црна пластична топка е геополитичка, социјална и културна криза која лебди во целосен комфор.

Ако идентитетот како синоним значи еднаквост или истост, тогаш „кругот“ е кршлив.

Делото „Пред будење“ го претставува изминатиот периодот на колективното „спиење“.

И така една црна линија која нацрта една овца еднаш кажа „Пролет е, преживеавме“.

Делото како објект за прв пат беше изложено на ХIV Меѓународно Биенале на млади уметници, во НУ Музејот на современата уметност, во 2023 година.

На оваа самостојна изложба, делото и понатака го претставува изминатиот период, како период пред будење, период на лебдење на идентитетите, но овој пат во просторот на движење, каде нивното присуство почнува да и смета на публиката.

Повторно го истражува волуменот, формата и бојата како обоеност и шаренило. Инсталацијата, односно објектот е просекот на наталожените емоции, црното индиго на идентитети над нашите глави и некритичкиот поглед кон наметнатото.

Манојлоска e родена 1993 година во Скопје. Во 2015 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности, во Скопје, во класа на м-р Јован Шумковски. По завршување на студиите активно се занимава со сликарство и инсталации во областа на современата ликовна уметност. Има учество на повеќе групни и самостојни изложби и проекти од областа на визуелни уметности.

Учествала на 13-то Меѓународно Биенале на млади уметници во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2021 година. Има самостојна изложба во МКЦ, насловена „Пресоздавање“, во 2021 година и учество на 14-то Меѓународно Биенале на млади уметници во Н.У. Музејот на современата уметност во Скопје, во 2023 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.