Центарот за култура и културолошки студии ја организира трибината „Новиот прозен (женски) книжевен бран: жената и градот“ што ќе се одржи денеска, 23 ноември во Големата сала на Институтот за македонска литература со почеток од 11:00 часот .

Уште со појавата на антологијата ‘Ветрот носи убаво време’ (во македонски превод на Весна Мојсова Чепишевска и Иван Антоновски) се навести еден нов книжевен сензибилитет кај најмладите македонски писатели. Најмногу од нив живеат и творат во Скопје. Од овој податок уште поважен е фактот дека тие, со своето творештво, со начинот на живот, со креирањето на јавното мислење, го трасираат патот на културното урбано живеење, се вели во најавата за дискусијата.

Воведни излагања ќе имаат проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Мишел Павловски, Фросина Пармаковска, проф. д-р Ана Мартиноска, д-р Емил Ниами, Симона Јовановска, д-р Билјана Рајчинова и м-р Ана Јовковска.

Темата ‘Писателката и градот’ ќе биде една од можните, во која можат да се вклучат и изведените теми: ‘Сликата на урбано Скопје во делата на македонските писателки’, ‘Културата на градското живеење во делата на македонските писателки’, ‘Промените на културниот живот со доаѓањето на сцена на младите писателки’ и ‘Сликата на жената во творештвото на младите писателки наспроти традиционалната, патријархална слика’“, велат организаторите.

Трибината се организира во рамките на манифестацијата Креативни точки 2022, а е поддржана од Град Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.