Овој четврток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Буица“ на кој како солист ќе настапи македонскиот виолинист Даниел Лазаревски. Диригент е Конрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во де-мол од Арам Хачатуријан и симфониската суита „Шехерзада“ од Николај Римски -Корсаков.

Арам Хачатуријан започнал да работи на Концертот за виолина и оркестар во де-мол, посветен на Давид Ојстрах во летото 1940 година, и го завршил за само два месеци. Кога ја комплетирал партитурата Ојстрах го поканил во својот дом.

Му го отсвирев на пијано, обидувајќи се да направам синтеза меѓу виолинскиот дел во десната и хармонскиот во левата рака“, запишал Хачатуријан.

Кратко по првото претставување на концертот, Ојстрах го поканил да му го отсвири концертот.

Неговата куќа беше преполна со луѓе. Беше лето и вратата која водеше кон дворот беше отворена. Имаше многу музичари. Ојстрах го отсвире како да го вежбал со месеци, а всушност беа во прашање само неколку денови… Со истата спонтаност го отсвире и на концертната сцена, истанува во своите мемоари Хачатуријан.

Премерната изведба на делото се случила на 16 ноември 1940 година во Москва со оркестарот на Државниот симфониски оркестар на СССР под диригентската палка на Александар Гаук, како дел од десетдневниот фестивал на советска музика на која и Дмитри Шостакович премиерно го претставил својот „Квинтет за пијано“.

Снимката од изведбата на Ојстрах веднаш станала препознатлива во светот, а познатиот виолинист продолжил да го свири овој концерт уште многу пати под диригентската палка на композиторот.

Концертот изобилува со виртуозност, со интензивна мелодиска звучност и егзотика. По смртта на Ојстрах избледува и споменот за ова фантастично дело. По неколку децении од создавањето на ова дело, повторно се враќа сјајот на овој концерт, преку големиот интерес на виолинистите за негова изведба. Хачатуријан во овој концерт ја покажал својата исклучителна моќ да креира мелодија, но во исто време да вметне и елементи од ерменската музичка традиција. Концертот за виолина и оркестар де-мол е фантастично дело кое во себе ја сублимира есенцијата на творечкиот опус на ерменскиот композитор Арам Хачатуријан (1903-1978). Во неа на деликатен начин се испреплетени традицијата со хармонската и мелодиска инвенција, толку типични и препознатливи за неговиот музички опус.

Симфониската суита „Шехерзада“, рускиот композитор Николај Римски -Корсаков ја напишал во 1888 година и се базира на приказните од „Илјада и една ноќ“ (познати и како „Арапски ноќи“). Оваа суита е едно од најпопуларните дела на Корсаков.

Делото во себе инкорпорира два типични сегементи за опусот на овој руски композитор – вивидната и колоритна оркестрација и интересот за ориенталниот Исток, кој бил доминанатен во времето на Империјална Русија. Името на суитата е извлечено од главниот женски карактер во “Илјада и една ноќ“.

Инспирација за создавање на суитата ми беа некои неповрзани епизоди и слики од ‘Илјада и една ноќ’ кои се провлекуваа во сите четири става од ова дело: морето и бродот на Синбад, фантастичниот наратив на Принцот Каландар, принцот и принцезата, празникот во Багадад и бродот кој оди кон карпата… Сите овие делови ме инспирираа да ја напишам суитата и а се надевам дека слушателите ќе можат да го слушнат овој наратив во мојата музика и да ги препознаат приказните кои ме водеа во создавањето на ова дело, напишал Римски- Корсаков.

Во суитата „Шехерзада“ овој руски композитор ја покажал својата доминатност како мајстор на оркестрацијата, како автор кој создава чист, но во исто време и длабоко емотивен звук кој се движи како голем музички бран кој станува се’ побогат и се’ поголем и поинтензивен. Слушателот, во секој момент може да ја почувствува приказната која е проткаена во музиката – мистиката на Ориентот, љубовта меѓу принцот и принцезата. Секој од ликовите има свој инструмент во оркестарот, феноменално насликан музички од страна на Корсаков.

Четирите става на суитата се унифицирни со по една кратка интродукција во првиот, вториот и четвртиот дел, како и интермецо во третиот. Историчарите сугерираат дека тоа што Римски -Корсаков бил офицер во морнарица му било дополнителна инспирација за толку добро музички да го наслика морето во ова дело. Суитата завршува со мирна кода, со која Корсаков звучно ја слика завршницата на приказната – Шехерзада конечно го освојува срцето на Султанот.

Суитата премиерно била изведена во Санкт Петербург во 1988 година, под диригентската палка на композиторот. Нејзината популарност, од првата изведба, па се’ до денеска, лежи во богата оркестрација и бои, свежите и пикантни мелодии, умерениот ориентален звук и ритмичката виталност со кои Римски -Корсаков успеал музички на најсовршен начин да го илустрира наративот од „Илјада и една ноќ“.

Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро.

Етаблираниот холандски/ јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интенационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на „Московското филхармониско здружение“ во чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добро познатите културни центри во Новосибирск и Санкт Петербург. Во изминатите години бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико. Неодамна успешно дебитирал со Филхармонискиот оркестар од Брисел, со „Симфоникер“ во Бохум и со Симфонискиот оркестар „Светланов“ во Москва. Бројни солисти ја уживале неговата придружба, како што се: Даниел Хоуп, Жанин Јансен, Бенџамин Шмид, Куирин Виерсен, Роланд Браутигам, Албан Герхард, Симон Ламсма и Никита Борисо-Глебски. Низ изминатите години неговите соработки со Рускиот нацинален оркестар и солистот Михаил Плетнеев на фестивалите во Монтро и Мерано резултирале со неколку покани за соработка за турнеите во Кина и во Јужна Америка. Конрад ван Алфен е роден во 1963 година во Преторија. По завршувањето на своите музички студии на 26-годишна возраст, тој се преселил во Холандија и ја имал постојаната позиција на контрабасист во Радио-симфонискиот оркестар и на академијата „Бетовен“ во Антверпен, Белгија, паралелно студирајќи и диригирање под раководство на Ери Клас и Роберо Бензи.

Даниел Лазаревски завршува магистерски студии во 2010 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на професор Љубиша Кировски,со највисока оценка. Дипломира на истиот факултет во 2009 година во класата на професор Олег Кондратенко. Како солист настапувал со оркестарот на Македонската филхармонија, со Симфонискиот оркестар на ФМУ, а исто така реализирал и настапи на фестивалите „Охридско лето“ и „Скопско лето“.

Бил концерт мајстор на Младинскиот симфониски оркестар и Гудачкиот камерен оркестар на ФМУ, на Младинскиот гудачки оркестар од Црна Гора, прва виолина во Оркестарот на Музичка Младина на Македонија, во Европскиот гудачки оркестар во Шведска, во меѓународниот оркестар „NO BORDERS“ со кој настапува во Србија, Франција, Словенија, Германија, и со кој остварува снимање на компакт диск во издание на престижната издавачка куќа „Дојче грамофон“. Од 2013 година е вработен како прва виолина во оркестарот на Филхаармонија. Добитник е на повеќе меѓународни награди, а учествувал и на повеќе семинари кај истакнати музички педагози како: Минчо Минчев, Вацлав Худечек, Благоја Димчевски, Стефан Миленковиќ, Дора Иванова, Питер Шепард, Гордан Николиќ, Лиана Исаказе.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.