Прашкото квадриенале свечено се отвори со специјално направен перформанс во јавен простор и во присуство на градоначалникот на Прага, претставник на Министерство за култура и меѓу илјадници луѓе дојдени специјално за оваа најголема меѓународна културна манифестација посветена на дизајнот на перформансот и просторот. Тогаш премиерно се отворија изложбите на сите павилјони, се изведе перформансот „Градот како сцена “ на националниот павилјон и се претстави Студентскиот павилјон.
Особено ми е драго дека успеавме да одржиме континуитет со наше присуство на овој мултижанровски интернационален настан и да го претставиме тоа што го работиме меѓу 59 павилјони а згора на тоа и за прв пат од основањето на Прашкото квадриенале со студентско присуство. Перформансите се одигруваат два пати на ден и за сега се многу забележани и со голем интерес. Редовно си доаѓа публиката на двата закажани термини, во 12ч и 14ч и останува потоа да поразговара со нас. Навистина не куражи таквиот прием и поддршка на нашиот шестмесечен работен процес и ни е дополнителен мотив за истражување на потенцијалите на градот и неговите ресурси не само во перформативни содржини кои го одржуваат она што намерно се заборава туку и во ангажирани заложби за подобрување на оваа ситуација – кажа Ивана Васева, кокураторка на националниот павилјон заедно со Филип Јовановски.
Огнен Марина, професор и декан на Архитектонски факултет заедно со своите парнери е дел од изложбата „Градот како сцена“ на Националниот павилјон на Република Македонија на квадриеналето, кое се одржува од 8 до18 јуни 2023 во Прага, Чешка.
„Основната педагошка и научна парадигма на Архитектонскиот факултет во Скопје и пристап во изучувањето на изградената средина, архитектурата и урбанизмот е низ архитектонскиот проект. Поради тоа, Факултетот во континуитет инвестира и ги развива своите педагошки, научни и истражувачки активности кои им овозможуваат на студентите и на младите истражувачи подобро разбирање на градовите како главен медиум низ кој се изучува архитектурата. Комплексноста на градовите наметнува иновативни и алтернативни педагошки и научни пристапи во истражувањето и разбирањето на феноменот на урбаната форма и урбаниот развој. Во тој контекст, Архитетонски факултет, во соработка со своите партнери од УКИМ и партнерски универзитети од странство во наредниот период планира да основа и развива Лабораторија за истражувања на просторните практики во градовите низ мултидисциплинарен пристап кој би ги обединил класичните и перформативните уметности, архитектурата и урбанизмот, со цел подобро разбирање на просторните искуства и практики на користење и создавање на нашите градови.“- го објасни концептот, деканот Марина.
Според него ова е извонредно искуство за студентите од Архитектонскиот факултет при УКИМ кои се дел од тимот и кои имаат уникатна можност да истражуваат, но и создаваат низ еден, за нив сосем нов инструмент на разбирање и креирање на градовите збогатувајќи го знаењето и разбирањето не само за нашите градови, туку и за нашето општество во целина.
Анастасија Пандиловска, една од учесничките во националниот павилјон, го објаснува перформансот и неговото значење врз публиката, но и за нашата држава, која таму ја преставуваат.
„Градот како сцена“ е перформанс што се чувствува како дома на Прашкото Квадриенале токму поради тоа што не се чувствува вдомено меѓу големите структури што го опкружуваат нашиот павилјон. Просторот постепено се отвара со промената на секој чин, со секоја нова изведба, повикувајки на една друга хаптикалност која не се поврзува со публиката преку сетила, туку ја насетува наклонетоста за едни со и кон други битија, структури, материи. За времетраењето на перформансот секое тело кое влегува во параметарот на павилионот е ресурс со кој го созадаваме просторот. Ова е најважниот дел од нашиот павилјонот, ние не ја транспортираме публиката во различен свет, ние сме овде и сега заедно во споделен простор, читаме, се движиме, размислуваме и слушаме за (тектонските)поместувања и судири, одземеното, наметнатото, нестабилното.“- вели Пандиловска.
Целиот настан е големо искуство и за студентите од Архитектонскиот факултет, кои имаат уникатна прилика за истражување и отворање на можности за во иднина.
„Работењето на студентскиот павилјон за Прашкото Квадриенале е возбудливо и колаборативно патување. Како член на креативниот тим, процесот започнува со наплив на возбуда и љубопитност. Сесиите и дискусиите на идеи овозможуваат истражување на различни идеи и перспективи, поттикнувајќи чувство на инспирација и можност. Откако концептот ќе се обликува, се развива динамичен процес на дизајнирање. Внесени во доменот на имагинацијата, постои постојана интеракција помеѓу уметничката визија и практичните размислувања. Тимот работи заедно, користејќи ја својата експертиза во дизајнот, архитектурата, сценографијата, за да го усоврши и претвори концептот во нешто опипливо. Соработката станува срцето на проектот. Секој член ги носи своите уникатни вештини и видувања, придонесувајќи за хармонично преплетување на естетиката, функционалноста, раскажувањето приказни и искуствата. Како што започнува изградбата, павилјонот добива форма, издигнувајќи се како театарски сет. Физичката манифестација на колективната визија на тимот со себе носи чувство на исполнетост и достигнување.“ – изјави Тамара Џерков, една од учесничките на Студентскиот павилјон од Архитектонскиот факултет Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.