Министерството за култура, во соработка со Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, информира за резултатите од „Конкурсот за откуп на необјавен и непоставуван македонски драмски текст“.
Разгледувањето и оценувањето на пријавените текстови го изврши посебна комисија од истакнати, стручни и компетентни лица именувана од министерката за култура, на предлог од Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ – Прилеп.
Од 48 пристигнати и прочитани драмски текстови од страна на комисијата, избрани се следните три драмски текстови: „Бреме“ од Мила Јовановиќ – Миленковиќ, „Измислена приказна“ и „Не застанувај продолжи понатаму: Лукавиот“ од Мики Душански.
Во врска со начинот за реализација на постапката на конкурсот, која ја спроведе МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, информираме дека согласно одлуката комисијата да биде анонимна, секој член на комисијата потпиша Изјава за анонимност.
Процесот на работа беше таков што секој член од тричлената комисија работеше независно и требаше секој од доставените текстови под шифра да го оцени со оценка од 1 до 5. По добивањето на оценките за секој драмски текст од секој член на комисијата посебно, беше избрана средна оценка.
Министерството за култура и Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ сакаат да го истакнат ангажманот на членовите на комисијата и нивната посветеност во процесот на работа.
Министерството за култура на авторите на откупените македонски драмски текстови, за откуп на авторските права за објавување и поставување на драмскиот текст, ќе им додели авторски надомест во нето-износ од по 120.000 денари.
Целта на конкурсот е афирмација на современата македонска драма и збогатување на фондот на драмски текстови од македонски автори.
Приоритет имаа текстовите кои поттикнуваат и промовираат млади домашни драмски автори, текстови кои ја афирмираат современата македонска драма, иницираат зголемено учество на јавноста-интерактивност, активна публика, учество на млади и текстови кои отвораат актуелни општествени прашања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.