Самостојната изложба со наслов „Боите на мојот град“ на Филип Јовески од Прилеп,
вечерва во 19 часот ќе биде отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов
Климе“ во Кавадарци. Ќе бидат изложени вкупно 11 негови дела на кои се претставени
значајни објекти, визури и пејзажи од градот Прилеп. Станува збор за дела изработени во 2022 година, во комбинирана техника и тоа во големи формати од 100/120,
100/130,100/80 и 100/70 сантиметри. Всушност негова идеја е изложбата да биде серијал која ќе продолжува со други изложби во кои ќе бидат опфатени повеќе градови во Македонија и нивната специфична архитектура.

– Оваа изложба претставува кулминација на истражувањата на архитектонската форма низ илустрација и слика, искажано преку синергијата на двата аспекти од моето творештво: архитектурата и уметноста – вели авторот на изложбата „Боите на мојот град“ Филип Јовески.

Архитектот Филип Јовески досега има проектирано значајни објекти во Македонија меѓу кои последниот новата детска градинка во населбата Точила во Прилеп која наскоро ќе биде пуштена во употреба и во која ќе бидат згрижени 250 дечиња и во Германија каде најкарактеристичен е проект му е објектот наменет за лица болни од синдромот прадер-вили.

Учествувал на повеќе групни изложби како и на сликарски и вајарски колонии и интернационални уметнички проекти. Членува во Друштвото на ликовните уметници на
Прилеп а во последните години освен како архитект работи и како дизајнер илустратор на детски книги и концепт артист за графички новели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.