Бобан Алексоски и Лео Поповиќ се добитници на наградата за најдобра партнерска игра на вториот Интернационален фестивал на „Бранко Ѓорчев“ што синоќа заврши во Неготино.
Алексоски и Поповиќ наградата ја добија за улогите во претставата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска во продукција на Театар „Златен Елец“, заради органичниот партнерски однос и заради веризмот и документаризмот, во партнерскиот актерски третман, на една жестоко – актуелна и социјално ангажирана тема, соопшти жири – комисијата која ја сочинуваа Роберт Ристов, Васил Зафирчев и Селпин Керим.
Наградата за најдобра женска улога на фестивалот ја доби актерката на Драмски театар Скопје Биљана Драгиќевиќ Пројковска, за улогата во претставата „За нас почнува живот“ во режија на Дејан Пројковски, заради повеќеслојниот актерски израз во градењето на улогата и умешниот спој на комичната со мелодрамската игра.
Награда за најдобра машка улога, е доделена на Љубомир Керекеш за улогата на молерот во претставaта „Беба“, заради непосредниот актерски израз во градењето на улогата и заради умешното владеење на жанрот на комедијата.
Награда за најдобра претстава се доделува на претставата „Брачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ во продукција на „Сцена маска“, заради прецизната поставеност и организираност на комичното дејство и заради живиот непосреден и шармантен актерски израз коj одлично комуницира со публиката.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.