Само неколку денови после одбележувањето на јубилејот, 80 години Битолски театар, оваа институција со полна пареа продолжува со новите проекти. Покрај секојдневните изведби на претстави од репертоарот на НТБ, како што беше ветено на почетокот на оваа сезона дека главната цел е театарот да биде во функција на сите генерации, за сечиј вкус, односно дека „Театарот е повторно твој“, екипата на Битолскиот театар ја подготвува театарската претстава за деца “Снежана и седумте џуџиња“. Токму на светскиот ден на децата, денот кога е изгласана Конвенцијата за правата на детето, ја започнаа можеби најважната приказна оваа сезона, како што истакнуваат, приказната наменета токму за децата. Истата е во режија на Драгана Милошевска Попова и е во рамките на програмата на претстави за најмладите „Театарот повторно на децата“.
„Црвено јаболко, прекрасна, ведра и насмеана екипа, мотивирана режисерка, спремни да направиме спектакл каков што заслужуваат децата во Битола“, ни изјавија од Битолскиот театар.
Покрај ова завршен е уште еден претходно најавен проект, односно реконструирана и опремена е салата за одмор и читачки проби во НУ Народен Театар Битола, тн. „Белата соба”.
„ Работиме на подобрување на условите за работа бидејќи луѓето се најважни. Тука е и трајната постановка на наградите и признанијата на НТБ, дигитализација на репертоарот во партнерство со MINT FinTech Group, целосна дигитализација на архивското и финансиското работење. Не застануваме“, изјавува директорот Васко Мавровски.
Премиерата на детската претстава “Снежана и седумте џуџиња“ ќе биде на 23.декември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.