Народен театар-Битола учествува на меѓународниот театарски фестивал „Денови на Јурислав Корениќ“ што се одржува во Сараево.

Битолските актери Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Марија Стефановска и Здравко Стојмиров, утревечер во натпреварувачкиот дел од фестивалот ќе ја изведат претставата „Демони“ од Ларс Норен, во режија на Васил Христов.

Во Сараево продолжуваме со претставување на македонскиот и битолскиот театар во странство. Фестивалот има натпреварувачки карактер, а наградите ги доделува стручно жири во состав Јасна Жалица, Лариса Сарајлиќ-Рамовиќ, Аднан Лугониќ и Ален Шимиќ. Во конкуренција за награди се Народен театар-Подгорица, градскиот драмски театар „Гавела“ од Загреб, Народен театар-Тузла и актери од КЦ-Град од Србија. За нас посебна чест претставува одлуката на домаќинот, токму со нашата претстава „Демони“, утревечер да биде затворено шестото издание на фестивалот „Денови на Јурислав Корениќ“, изјави за МИА, актерката Чоревска.

Претставата „Демони“ е баран и наградуван театарски проект на НУ Народен театар-Битола, кој веќе е виден на Охридско лето, МОТ и фестивалот „Ристо Шишков“, а со фестивалски одличја за најдобри актерски остварувања наградувани се Илина Чоревска и Огнен Дранговски, како и режисерот Васил Христов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.