Градиме водоводи, канализации, спортски сали, патишта и улици, градинки, домови за стари лица, младински центри, инфраструктурни проекти кои се значајни за граѓаните. Преку ТАВ програмата реализираме инфраструктурни проекти за сите граѓани низ целата држава, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи при неговата посета на Демир Капија, заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска.

-Во Домот на културата „Мирка Гинова“, тука во Демир Капија, во последните неколку години се вложени повеќе од 550.000 евра во реконструкција и надградба, како и опремување на целосно нова кино сала. Дел од овие средства, околу 124.000 евра, се од ТАВ програмата и ова е еден од проектите кои се целосно завршени, рече вицепремиерот.

Тој додаде дека проектите на ТАВ се реализираат низ сите општини низ земјава.

-Задоволен сум кога гледам дека со добро планирање, веќе во предвидените рокови се реализирани 70 отсто од започнатите проекти, или завршени се 56 проекти во 56 општини, а во моментов 25 проекти се во тек и е планирано да бидат завршени до крајот на годината. Тоа значи дека нашите сограѓани добиваат квалитет и навременост, нагласи Битиќи.

Појасни дека за овие проекти аплицираа самите општини и оти тие имаат целосна сопственост над нив. Тоа, како што рече, значи дека се изворно поттикнати од потребите на граѓаните кои живеат низ цела земја.

-Овие инфраструктурни проекти се токму оние кои ним им се потребни за подобрување на квалитетот на живот на нашите сограѓани. Овие инфраструктурни проекти се за сите граѓани низ целата држава, нагласи Битиќи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.