Во издание на „Бата прес“ објавено е делото „Речник на сложенките во македонските црковнословенски текстови“ од проф. д-р Весна Костовска. Речникот е објавен со поддршка на Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2022 година.

Станува збор за дело во кое на еден многу јасен начин се презентираат врските на грчкиот и старословенскиот јазик, кога, како што во воведот појаснува д-р Костовска „старословенскиот е на самиот почеток од создавањето на својот писмен идентитет. Токму затоа, Кирил и Методиј, првите преведувачи на библиските текстови од грчки на старословенски, коишто ја презеле мисијата за создавање на првиот писмен јазик на Словените, биле соочени со предизвикот да креираат словенски јазик со многу повисоки вредности од народниот јазик. Сложенките, како зборообразувачки модел, се резултат токму од потребата да се именуваат апстрактните поими од текстовите со религиозен карактер, коишто имале статус на висок книжевен израз.“

Речникот на сложенките во македонските црковнословенски текстови е всушност втор дел од веќе објавениот научен труд „Сложенките во македонските црковнословенски текстови“ (2018). Секоја лексичка единица во Речникот е документирана и преку наведување на неколку контексти од македонските црковнословенски текстови, во кои истата е застапена.

Проф. д-р Весна Костовска е родена во Скопје, каде што завршила основно и средно училиште. Дипломирала во 1987 година на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што магистрирала во 1997 година и одбранила докторска дисертација под наслов „Сложенките во македонските црковнословенски текстови“, под менторство на д-р Зденка Рибарова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.