Во издание на „Бата прес“ се објави книгата за деца и млади „Маѓепсана училница“ од познатата чешка писателка Ивона Бжезинова, со илустрации на реномираниот уметник Јаромир Ф. Палме. Книгата на македонски ја преведе Мирјана Наумовски (Мими Наум). Објавувањето на ова дело е подржано од Европската Унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.

Книгата беше промовирана на годинешниов Саем на книгата во Скопје, на саемите на книги во Битола, Радовиш, Штип, како и на манифестациите на ЕУ инфоцентарот во Скопје.

Во сосема вообичаено училиште, во едно сосема вообичаено одделение, доаѓаат тројца нови ученици, Роми Во „Маѓепсана училница“ се зборува за трите ромски деца што често менуваат училишта, следејќи ги своите родители, кои се магионичари што патуваат. Затоа нивното образование не е на завидно ниво – не може да се каже дека течно читаат и пишуваат, а ниту математиката не им оди. Децата наидуваат на безброј предрасуди и поради тоа паѓаат во неволји. Меѓутоа, благодарејќи на магичните моќи, успеваат да докажат дека тоа што не се добри ученици, не значи дека не се добри другари и чесни деца. Наставата одеднаш стана интересна, а часовите и лекциите се толку забавни што можат да се совладаат со леснотија – и тоа низ игра. Од сè што ова одделение ќе научи, најважната лекција е дека низ пријателството и запознавањето со различните луѓе, нашиот свет станува побогат и волшебен.

Авторката Ивона Бжезинова е родена во 1964 година. Таа е една од најпознатите чешки писателки за деца. Детството го поминала во градот Усти на Лаба. Докторирала чешки јазик и книжевност. Денес живее во Прага каде што предава креативно пишување на Книжевната академија и уредува радио емисии. Има напишано околу педесет книги за деца и млади, меѓу кои има бајки, тинејџерски романи, фантастика и реалистични романи.

Нејзината најпозната книга „Маѓепсана училница“ се занимава со интеграција на Ромите во општеството и за неа во 2004 година ја доби значајната награда IBBY (Интернационалниот борд на книгите за млади), како и наградата „Магнезија литера“ во 2002 година.

Илустраторот Јаромир Ф. Палме е роден во 1963 година. Тој е еден од најпознатите чешки илустратори и уметници. Почнал да се занимава со сликарство и уметност уште во осумдесеттите години на минатиот век, а студирал на Конзерваториумот „Јарослав Јежек“. Покрај тоа што е графички дизајнер и има илустрирано многу детски чешки книги, тој се занимава со музика, а е автор и на неколку книги. Живее во Прага со сопругата и децата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.