Во издание на „Бата прес“, излезе од печат книгата „Падот на Југославија и осамостојувањето на Македонија“, од публицистот, поранешен новинар, уредник и преведувач Ненад Баткоски. На околу 350 страници, формат Б5, поместени се голем број статии, коментари, интервјуа, репортажи, извештаи и други новинарски форми, со кои авторот во период од преку 40 години сведочел за општествените промени, особено оние во Македонија.

Текстовите ги објавувал во угледните дневни весници „Борба“ (Белград и Загреб), „Република“, „Нова Македонија“, „Вечер“, во весникот на демократската пролет „Млад борец“, во неделникот „Време“ од Софија, како и во франкофонските печатени медиуми „Ле нуво котидиaн“ (Le nouveau quotidien) од Лозана, „Диагонал ест уест“ (Diagonales est-ouest) и „Ом е либерте“ (Hommes & libertés) од Париз. Во книгата се поместени и интервјуа направени пред изборите 1990 година, со лидерите на водечките политички партии д-р Гане Тодоровски, м-р Петар Гошев, Невзат Халили, Љупчо Георгиевски и Стојан Андов…

Тука се поместени и интервјуата со Хенрик Сокалски од УНПРЕДЕП, Владимир Ралев од македонската дијаспора, со Симон Трпчески, тогаш млад и надежен пијанист; Сониа Зоран, швајцарска новинарка и автор на книгата „Распаѓањето на Југославија“ (1993 година), угледниот новинар-фоторепортер и подоцна бизнисмен Роберт Јаки… Авторот за свој голем успех ги смета и текстовите со кои е спречена изградбата на цементарница во непосредна близина на Белград, како и текстовите за рехабилитацијата на Ченто и другите бурни настани на македонската политичка сцена на крајот на осумдесеттите и првите години од деведесеттите години на минатиот век, вклучувајќи го и периодот кога бил одговорен уредник на МИА (1999 – 2000).

Ненад Баткоски е роден 1958 година во Вевчани. Основно училиште завршил во родното место, а гимназија во Струга. Дипломирал новинарство на Факултетот за политички науки во Белград. Работел како новинар во весниците „Борба“ (1979 – 1991), „Република“ (1991 до 1993), „Долар“ (1994 и 1995) и други, а бил главен уредник на новинската агенција МИА од 1999 до 2000 година.

Сега е главен уредник на издавачката куќа „Бата прес“ и преведувач книжевни дела. На македонски јазик се објавени негови преводи на 30 книги.

Автор е на книгата „Македонска бизнис елита“ (Бата прес, Скопје, 1996 година) и коавтор на книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“ (заедно со Димитар Илиевски и Љубомир Хаџи Манев, Бата прес, Скопје, 2017 година).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.