Во издание на „Бата прес“, на македонски јазик се објавија романите „Среќа за почетници“ од познатата американска авторка на романси Кетрин Сентер и „Невозможниот господин“ од популарната американска писателка на историски љубовни романси Лорета Чејс. Романите се објавени во популарната едиција Хит

„Среќа за почетници“ е роман што предизвика неверојатен интерес во светот. Според ова дело е снимен и истоимениот филм, за кој „Нетфликс“ ја најави премиерата на 27 јули. Приказната се одвива во дивината на американската сојузна држава Вајоминг, каде што младата Хелен Карпентер се пријавува на курс за техники за преживување. Таму доживува вистинска авантура, која со сигурност ќе ја привлече и нашата млада читателска публика и голем дел ќе се поврзат со главниот лик и нејзините обиди да го врати нејзиниот живот на правилната патека.

„Невозможниот господин“ е книга што ќе ги одведе читателите во Египет, во земјата на сонцето, во деветнаесеттиот век. Од оваа приказна љубителите на книгата ќе можат да научат многу за фараоните, пирамидите, како и за англиските, француските и турските благородници што уживале во задоволствата што ги пружа Египет. Ова е историска љубовна романса во која главната улога ја има Руперт Карсингтон, четвртиот син на лордот Харгејт.

Првата медиумска и продажна промоција новите хит изданија ќе ја имаат деновиве во книжарниците и маркетите низ државата.

Лорета Чејс е родена во 1949 година, во градот Ворчестер, во семејството на албанските емигранти Џорџ Чекани и Реша Керхали. Дипломирала англиска филологија. Најпрво работела на универзитетот „Кларк“, а дополнително како видео сценарист. По бракот со Волтер Чејс, започнала да пишува романи, а нејзиниот прв роман „Изабела“ го објавила во 1987 година.

Кетрин Сентер е родена во 1972 година. Авторка е на осум бестселери според Њујорк тајмс. Според нејзин четврти роман „Изгубениот сопруг“ е снимен истоимениот филм. Заедно со сопругот и двете деца Кетрин живее во родниот град Хјустон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.