Во Националната опера и балет вечер ќе бидат изведени балетските претстави „Шехерезада“ и „Валпургиска ноќ“.

-Приказните од „Илјада и една ноќ“ преточени во балетот „Шехерезада“ од Н.Р. Корсаков, под диригентската палка на Бисера Чадловска, кореографијата ја пренесе познатиот балет-мајстор од Москва, Михаил Крапивин, со првична постановка на Михаил Фокин, велат од НОБ.

Сценографијата е на Марија Ветероска, а костимите ги изработи Маја Бурсаќ од Србија, концерт-мајстор е Верица Ламбевска. Ќе настапат Ивана Коцевска, Балаж Лашеи од Унгарија, Драган Кочоски, Стефан Кочевски, Лора Тарчуговска, Симона Митовска, Илијана Данилов и Ивана Димкоска.

На сцената на НОБ вечер ќе биде изведена и „Валпургиска ноќ“ – балетски дел од операта „Фауст“ на Шарл Гуно. НОБ наведува дека со „Валпургиска ноќ“ на 27 јануари 1949 година е изведен првиот самостоен балетски настап на ансамблот, во кореографија на Ѓорѓи Македонски, и официјално е формиран Балетот при Македонскиот народен театар.

Диригент на оваа балетска претстава е Бисера Чадловска, кореограф Габор Кевехази од Унгарија, сценограф Марија Ветероска, костимограф Марија Пупучевска, концерт-мајстор Верица Ламбевска.

Настапуваат Марија Кичевска-Шокаровска, Саша Евтимова, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Мирослав Митрашиновиќ, Николас Орсо, Кристијан Јангос, Игор Веланоски, Ендру Кук од Англија и Илијана Данилов, првенци, истакнати солисти, солисти, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.