Синоќа во двата салони на Културно- информативниот центар Скопје беше отворена јубилејната изложба „55 години КИЦ“. КИЦ – Скопје е една од најстарите културни установи во градот. Со долгогодишна традиција во културниот живот на скопјани, годинава одбележува 55 години од своето постоење.
Осврнувајќи се на богатата историја и многубројните настани и проекти кои се реализирале во интитуцијата изминативе 55 години, директорот Антонио Димитров рече дека „55 години не се мала работа и нему му се паднала улогата да ја отвори големата изложба на плакати и слики од колекцијата на Културно Информативен Центар – Скопје“
Изложбата ја организираа Сергеј Андреевски и Емил Шулајовски, кој пред присутните сподели неколку настани кои му останале во сеќавање низ годините.
Во соработка со средното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, КИЦ-Скопје за гостите овозможи дополнително музичко уживање со настап на неколку ученици од оваа образовна установа.
ЈУ Културно информативен центар – Скопје е основана 1967 година. Од самото основање, со секојдневните активности, успева да стане значаен дел од културниот живот на Скопје. Со атрактивната локација во централното подрачје на градот, во едно репрезентативно здание, се работи за респектабилен културен центар, јадро на културниот живот во Скопје.
Во децениското постоење, ЈУ КИЦ – Скопје, во рамките на своите два изложбени салони и театарско-концертната сала „Салон 19.19“, има организирано преку 6.000 ликовни изложби, концерти, театарски претстави, литературни вечери, перформанси и останатите културни настани од познати реномирани уметници од Македонија, Европа и светот, како и на млади автори со голем потенцијал, на кои им е потребна афирмација.
Со самото формирање на ЈУ Културно информативниот центар – Скопје, беше формиран Информативниот сектор, кој до неговото згаснување, реализира над 550 јавни трибини од најразлични општествени сфери и области, рекламирање и информирање на љубителите на културата за културните збиднувања во Скопје како и во сродните институции, едноставно беше информатор и на сите случувања во Република Македонија.
Годинава, токму јубилејот 55 години постоење носи промена и во раководството на установата, а со тоа и во културните политики на Центарот. Со ова центарот започна нова ера во работењето на Културно-информативен центар – Скопје, со нова енергија, ентузијазам и свежи идеи, но и со јасна визија.
Отвореноста кон уметниците е приоритет во функционирањето. КИЦ – Скопје ги отвори вратите за млади уметници, писатели, музичари, артисти, чии идеи ќе најдат простор за реализација во Центарот. Веќе е подготвена префинета ликовна, литературна, музичка, филмска, мултимедијална програма. Уште со првиот проект беше вратен и информативниот аспект на установата, преку градскиот Културен информатор.
Оваа година Центарот беше насочен и кон реализација на два обемни мултимедијални фестивали, но и на меѓународни соработки и вмрежување со интернационални културни центри. Се оствари отворена комуникација со независната културна сцена, но и со културните институции, со визија за градење на отворена и ризоматска мрежа, која ќе ја поттикне и раздвижи индолентната културна понуда, велат од КИЦ-Скопје.
Оваа Установа преку својата институционална поддршка ќе се обиде на едно место да ги фокусира младите креативци, врз чија основа би се поставиле никулците за нивна понатамошна соработка на ниво на здрава уметничка заедница, која меѓусебно ќе комуницира и соработува во годините кои доаѓаат, велат оттаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.