Ангелики Дарласи, познатата грчка авторка на книги за деца и млади, деновиве престојува во Скопје, а денес во 12 и 30 ќе има претставување на нејзиното дело „Момчето од ложата“ во библиотеката „Јане Сандански“ во населба Аеродром. На средбата со деца од околните училишта на возраст од околу 14 години, Дарласи ќе зборува за креативно пишување и за тоа како настанало ова дело. Оваа книга, што од грчки на македонски јазик ја преведе Емилија Мајсторова-Стојановска е инспирирана од вистински настани, од животот на група бегалци кои живеат во Народниот театар на Атина, во 1922 година, кога многу Грци од Мала Азија се доселени во Грција.
Настанот го организираат Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ и издавачката куќа „Бата прес“, која го објави делото. Објавувањето на ова дело е подржано од Европската Унија и Министерството за култура, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој „Бата прес“, оваа и минатата година во програмата „Креативна Европа“ објавува петнаесет книги за деца и млади од петнаесет познати европски автори.
Ангелики Дарласи е родена, живее и работи во Атина. Таа дипломирала на Универзитетот за драмски студии во Атина, а магистрирала на Студиите за изведба на Кралската централна школа за ораторство и драмски уметности во Лондон. Во текот на својата кариера работела во театар, филм и телевизија.
Има напишано повеќе книги и има добиено неколку награди во Грција, како и интернационални награди. Како позната писателка и драматург предава креативно пишување и драмски уметности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.