Секогаш потенцирам дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален, вели за дописничката на МИА од Атина ликовниот уметник Сергеј Андреевски по повод неговата прва самостојна изложба во солунската општина Каламариа.
Изложбата „Неизложени дела на хартија“ во петокот беше свечено отворена во Солун, во присуство на голем број посетители, а уметникот, пренесувајќи ги неговите впечатоци вели дека е задоволен и од отворањето и од реакциите на посетителите.
-Интересот на публиката е голем, а особено се радувам на пораките што беа испратени на самото отворање од страна на генералниот конзул на нашата земја во Солун, Дејан Ѓучиќ, од претставникот на советничката група на општината Каламариа, Паскалис Лемонис и од Харис Савидес, меѓународно етаблиран архитект и фотограф од Атина којшто говореше за моето творештво и мојата мисија да ги обединувам луѓето преку културата. Имено и јас секогаш потенцирам дека уметноста не познава граници и дека нејзиниот јазик е универзален. А јас, и кога создавам, тоа го правам спонтано, искрено, без калкулации. Особено сум задоволен од искрените комплименти на посетителите коишто преку моите дела „пропатуваа“ низ светот и моите инспирации, истакнува уметникот Андреевски за МИА.
Објаснува дека ова е негово прво самостојно претставување во Грција по поканата добиена од советникот за култура на градоначалникот, Макис Батијанис, а во име на општината Каламариа, но посочува дека сепак, неговото творештво не ѝ е непознато на грчката ликовна критика.
-Во 2002 година учествував на групна изложба со наслов: „Европска современа уметност – уметноста на балканските земји“, која беше организирана од Државниот музеј на современа уметност, Солун, во соработка со соодветни институции од други балкански земји. Во јуни 2004 година, по повод и непосредно пред официјалното отворање на Олимписките игри во Атина, јас бев избран од Такис Мавротас, врвен критичар од грчката културна сцена, како единствен претставник од земјава во мултикултурниот проект „Нашите соседи“, вели Андреевски.
Делата на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски во Солун ќе бидат изложени до 29 април
Реализацијата на проектот е овозможена од Министерство за култура на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.