На последниот состанок на АИКА Македонија, оддржан на 15. 02. 2024., Јованка Попова, досегашната претседателка на здружението, поднесе оставка, а за нова претседателка беше предложена и едногласно избрана од присутните членови, Ана Франговска.

Ана Франговска (1978, Скопје) е историчарка на уметност и кураторка. Дипломирала на Институтот за историја на уметност и археологија во 2001 година, на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала на истиот факултет во 2017 година. Таа е доктор на науки по современи уметности и медиуми, на Факултетот за уметности и медиуми во Белград, од септември 2023 година.

Франговска е виш кустос во Националната галерија на Република Македонија од 2006 година и предава на Институтот за историја на уметност и археологија, Филозофски факултет, од 2016 година. Курирала и организирала голем број институционални и независни проекти во земјата и во странство, на локални и меѓународни уметници. Таа била ко-куратор на Павилјонот на Република Македонија на 59-то Венециско биенале (заедно со Сања Којиќ – Младенов), со проектот „Пејзажно искуство“, на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска во 2022 година, како и куратор на Павилјонот на Македонија на 55. Биенале во Венеција во 2013 година со проектот „Silentio pathologia“ на уметницата Елпида Хаџи-Василева.
Франговска е куратор на Националниот павилјон на Македонија на 60-то Венециско биенале 2024 година, на проектот INTER SPEM ET METUM на уметницата Славица Јанешлиева.

Од 2012 година, таа е ко-основачка и членка на Институтот за уметност и култура „Арс Акта“. Основачка е и организатор на меѓународна уметничка колонија во Галичник, западна Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.