Донацијата е во рамки на проектот „Полска на полица“ што почна годинава и опфатени се националните и општински библиотеки во десетина градови, а чија цел е популаризација на полската литература меѓу македонските читатели.
-Амбасадата обезбеди педесетина наслови од класичната и современата полска литература, а подготви и каталог со опис на делата и презентација на нивните автори. Со тоа библиотеката во Виница се приклучува кон одбележувањето на Месецот на полската книжевност, во чии рамки организираме конкурси за млади и возрасни читатели. Очекуваме дека овие активности ќе резултираат не само со понатамошни проекти што ги реализира Амбасадата, туку и со потесна соработка на македонските и полските библиотекари и со задоволство ќе помогнеме во воспоставувањето контакти, истакна амбасадорот Гжелчик.
Координаторка на проектот за донација на книги е госпоѓата Јоланта Гжелчик, сопруга на полскиот амбасадор, која исто така е тесно поврзана со библиотекарската дејност во родната земја.
-Драго ми е што библиотекарите се вклучија во оваа иницијатива, затоа што преку книгите и читателите ќе воспоставиме посилни врски и ќе ја промовираме нашата книжевност. Се надеваме дека вашата читателска публика ќе најде интересни наслови и ќе ја мотивираме и понатаму да истражува и да ја открива полската литература, истакна госпоѓата Гжелчик.
Од библиотеката „Ванчо Прке“ нагласија дека веќе имаат одреден број книги од полски автори, а со донацијата на новите наслови ќе се отвори посебно катче за полска литература.
Во рамки на посетата на Виница, полскиот амбасадор се сретна и со градоначалникот Миле Петков, при што беше договорено соработката да продолжи, пред сè на културно-образовен план, преку посета на музички фестивали и размена на ученици и искуства од двете држави во рамки на европските проекти за образовна поддршка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.