Авторот на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот (29 април 2023) е македонскиот танчер, кореограф, перформер кој живее и работи на релација Шведска, Бугарија, Македонија е Александар Георгиев.

Александар Георгиев – Аце е кореограф и културен работник. Тој е дел од формални и неформални едукативни регионални и меѓународни програми како што се NOMAD, SPAZIO, DanceWeb, 50 Days Fly Low, Passing Through и програмата Kритичка пракса (трета генерација). Ја завршува  магистерската програма за кореографија на DOCH, Стокхолм, во 2014 година. Го истражувал номадскиот пристап во однос на јадрото на креативната работа, постојано поместувајќи го просторот на делување; но во последните 4 години, тој низ работата дефинирал четири места што ги смета за свој дом и работни локации  (Стокхолм, Софија, Скопје и Тенерифе). Неодамна  ја иницирал кореографската истражувачка КO–серија, фокусирана на практики базирани на ко-егзистирање. Уметничките истражувања го работи користејќи различни уметнички практики и методи, истражувајќи ги идеите за соживот, хипер состојби и холографија низ призмата на танцот и кореографијата. Моментално активира проекти околу дискурсот на ‚‚политизација на анусот / анални политики’’. Заедно со уметниците Дарио Барето Дамас и Жана Пенчева го основаат меѓународниот уметнички тим STEAM ROOM со кој работат на практики за колективно авторство и воедно  се основачи на долгогодишниот проект – институција ICC (Imaginative Choreographic Center). Тој е член на неколку невладини организации како Локомотива (Македонија), Гараж колектив (Бугарија) и Интеримкултур (Шведска). Тој е исто така член на мрежата NOMAD (со фокус на балкански земји).

Најпрвин, сакам да споделам дека мојот однос кон танцот не е од позиција на танчер или од било која  друга професионализирана догма на танцот. Мојата перспектива за танцот доаѓа од една многу искрена и наивна позиција на некој што постојано работи во и околу танцот и е физички и ментално активен во ова поле. Претпоставувам токму затоа и бев поканет да ја подготвам оваа порака.

Моето набљудување е дека, ако некој може да имплицира порака за Меѓународниот ден на танцот, тоа ќе биде порака упатена до културните работници, финансиерите и јавните институции (со други зборови кажано: структурите и статусите кои имаат потенцијал да го дефинираат просторот и условите за танцот); бидејќи сакам да мислам дека на сите други и не им е толку потребен ден посветен на танцот, поради тоа што танцот е тука и се случува постојано. Овој ден е посветен на видливоста и отворањето на просторот за танцот но и истовремено за лобирање за поиздржливи услови и структури за танцот, затоа што како што веќе напоменав – танцот е тука, и постојано е присутен.

Мојата порака за Меѓународниот ден на танцот е адресирана кон претходно споменатите структури, со цел да овозможат повеќе дискусија, дијалози и средства, услови кои ќе можат да го актуелизираат и активираат танцот; кои ќе можат да ги стимулираат и поддржат истражувачките процеси на танцот –  околу танцот, преку танцот или со танцот; кои ќе му осигураат јавен простор на танцот за да може јавно да е достапен и колективно да е практикуван; а преку кој ќе можеме сите ние да ги обликуваме нашите колективни тела. Но, во никој случај да не се активираат стратегиите за тоа како да се маркетира танцот со цел да се придонесе во намерите за неговата приватизација. Танцот е тука, и секој треба да може да го активира и треба да го има правото да го активира и применува.

Мојата мала мантра за танцот е: Танцот може да се сподели, но не може да се поседува; танцот може да се активира, но не е статус за парадирање.

Па дури понекогаш уживам и во размислите дека танцот не треба и не може да биде индивидуален процес на професионализација. Системите и структурите што го професионализираат танцот треба да одржуваат свесност за танцот да не создаваат  ексклузивност која ќе води до поделба и класификација. Треба да бидеме свесни дека секој е танчер и дека процесот на професионализација не создава некаков си посебен вид на „не-танчери.’’ Танцот не функционира на некаков си бинарно изграден опозициски систем, туку напротив, тој процес на професионализација е развојно-комплементарен систем во сферата на танцот.

Оваа порака би ја дополнил со тоа дека треба да дозволиме танцот да ја добие својата автономија, своето застапување, и својата независност, затоа што е тука и му треба континуирана еманципација.

Конечно, следејќи ја линијата на мислите што ја наметнувам овде, можам само да завршам со зборовите дека, јас немам никакво право да зборувам во името на танцот, можам само да се залагам и да лобирам за моите перспективи во танцот. Мојата перцепција е дека Танцот не треба и не може да се приватизира, бидејќи јас го гледам како индивидуално перципирана и преживеана, колективна практика.

 

Организатори на дигитално одбележување на Меѓународниот ден на танцот се Македонскиот центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.