АКТО 18, во сабота, на 21 октомври, од 12 часот, ќе ја отвори изложбата „Попаметен град 3.0 –феникс или апокалипса?“, во киното на Железничката зграда, која има цел да го демистифицира авторитативниот дискурс за закрепнување од катастрофи што се фокусира исклучиво на зградите – „тули и малтер“ – кои се само физичкиот аспект на градот.
Потпирајќи се на претходното разбирање на архитектурата како метафора на општеството, со „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“ организаторите нè провоцираат со прашањата: „Како да се ангажираат луѓето и нивните заедници за време на природни катастрофи?“, „Каде да се најде солидарност за време на катастрофа?“ и „Што ако отсуствува таков човечки однос?“ Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков беше пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како „феникс“.
Покрај изложбата ќе има и презентација на процесот на работата со студенти како дел од проектот „Градот како сцена“ или изведување на јавниот простор, процес менториран од уметниците Борис Бакал, Миодраг Куч и Филип Јовановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.