Со претставата „Инферно“ според Данте Алигиери, а во режија на Дејан Пројковски на театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес која е селектирана во официјалната програма, на 9 јуни ќе се отвори 57. издание на Македонскиот театарскии фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Српско народно позориште од Нови Сад ќе го затвори фестивалот на 16 јуни со претставата „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски.
Годинашни добитници на наградата за животно дело на Фестивалот се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.
Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на Фестивал „Војдан Чернодрински“ што годинава ќе се одржи од 9 до 16 јуни.
Програмата денеска во Прилеп ја соопшти Ана Стојаноска, директорка и селектор на фестивалот, кој годинава се одржува под мотото „Враќање дома“.
Од 52 одгледани претстави низ целата земја, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023, Стојаноска програмата ја конципираше во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма.
„Театар: радоста на играта или пркосот на креацијата“ е насловот на концептот што ги обединува избраните претстави.
Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.
Глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарна политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција, истакна во своето образложение на програмата Стојаноска.
Сметам дека главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметнички директор го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што игра македонски автори.
Во официјалната програма се следниве претстави: „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје, „Бесачи“ од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, „Инферно“ според Данте Алигери, во режија на Дејан Пројковски, продукција на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, „Мy name is Medeјa“ според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, продукција на Народен театар – Битола, „Три сестри“ од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција на Албански театар – Скопје, „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, Народен театар – Охрид, „Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје, „Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, Театар Комедија – Скопје.
Во придружната програма се: „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, продукција на Турски театар – Скопје, „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, продукција на Народен театар „Антон Панов“ – Струмица.
Независна продукција што игра домашни автори: „Елегија во пет здива“ автор и режисер Филип Петковски, „Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна продукција, „Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, Продукција на „Тииит! Инк“, „Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски, „Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“, „Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“, „Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски, продукција на „АТО Центар за современа уметност и култура“ – Битола.
Стојаноска исто така ја најави програмата „Автор во фокус“, што прв пат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921-2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.