Под слоганот „Летаме заедно“, шестото издание на Меѓународниот фестивал за илустрација и литература за деца, „Литера“,  ќе се одржи од 15 до 18 мај во Младинскиот културен центар во Скопје.

Фестивалот ќе понуди многу настани, активности и креативни изрази во едукативна и забавна атмосфера за малите и големите.

Годинава фестивалот „Литера“ го става акцентот на Турција како земја во фокус, а публиката ќе има можност да ги истражи културата, литературата и уметничките дела од оваа богата земја. Двајца исклучително талентирани илустратори од оваа земја ќе бидат гости на фестивалот и ќе го споделат нивното богато меѓународно искуство со нашите илустратори и автори. Нивните дела ги освоија срцата на публиката ширум светот и се сметаат за меѓународно признати професионалци во својата област.

Исто така, за прв пат, фестивалот ќе организира и Саем за литература за деца, што ќе им овозможи на посетителите да откријат нови наслови и автори во светот на литературата за деца. „Литера“ предвидува бројни активности и настани, вклучувајќи работилници, мастеркласови, литературни читања, книжевни и многу други забавни и едукативни активности за децата и возрасните. Овие настани не само што ги поттикнуваат децата да се вклучат во литературата и уметноста, туку и создаваат основа за понатамошни соработки и пријателства.

Воодушевени сме како овој настан континуирано расте и воспоставува силни врски во областа на литературата за деца и илустрацијата, придонесувајќи за развојот на младите читатели и креирање на критичка заедница – велат од фестивалот.

 

 

 

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.