„Под мотото „Отворен круг”, фестивалот на народни игри и песни Илинденски денови денес започнува и ќе трае цели 13 дена. Со најобемна програма досега која предвидува 61 настан и повеќе од 1.200 гости кои доаѓаат од 19 земји на Интернационалниот фестивал на етно филмови кој е составен дел од фестивалот и од 8 земји гости на големото дефиле и вечерните концерти.

Боите и ритмите на Чиле, Мексико, Ирска, Грузија, Хрватска, Србија, Бугарија, Италија и домашните ансамбли од Македонија ќе ги исполнат улиците и неколкуте отворени сцени на овој фестивал, подвлече Маја Андоновска-Илијевски директорка на Центраот за култура од Битола кој е организатор на овој познат фестивал. 

Планирани се работилници за деца, селектирани се врвни изложби, испланиран е и традиционалниот стручен симпозиум кои ќе бидат убав вовед во фестивалските вечери.

Големото дефиле по улиците е најавено за 26 јули, а испланирани се до детал сите фестивалски денови кои на едно место ќе соберат над 1.200 учесници од светот. Ова е голем фестивал, но неговиот формат за овој тим не е проблем со оглед на искуството и нетворкот кој го имаме со меѓународната фолклорна организација CIOFF која се грижи за унапредување на грижата на нематеријалното културно наследство, фолклорот и традициите, со што ја продолжуваат мисијата на УНЕСКО со која CIOFF е во официјално партнерство. Да потсетиме, Илинденски денови е фестивал кој пред неколку години на светскиот конгрес на CIOFF одржан во Индонезија се здоби со сертификат кој го стави на листата на 100 најдобри светски фестивали за фолклор. На таа листа сме заедно со најголемите фестивали ширум светот, а она што го праќаме кон светот од Битола со овој наш енергичен фестивал секогаш знае да ја воодушеви и публиката тука, но и луѓето кои се бават со фолклор ширум светот, посакувајќи да бидат наши гости, рече Валентин Соклевски стручен соработник и долгогогоишен главен координатор на овој фестивал на денешната средба со новинарите. 

„Илинденски денови” се културна екстраваганција на народи и обичаи која ја прикажува убавината и богатството на народните традиции од целиот свет.

Посетителите ќе имаат можност да се нурнат во волшебните ритми, традиционалната музика, песна и игри, како и кореографиите што го одземаат здивот и што го прават фолклорот толку негувана уметничка форма. Овој настан е своевидна платформа и за стручната јавност, како и за уметниците и изведувачите со цел да ги споделат своите таленти и да ја прослават различноста на нивното културно наследство, вели Љупка Стефановска магистер по етнокореологија и дел од тимот. 

Иницијативата во рамките на фестивалот да заживее и филмот како медиум, го создаде минатата година и  Интернационалниот етнографски филмски фестивал, кој годинава се одржува по втор пат и носи 21 филмски наслов од 19 земји. Селектор на фестивалот е познатиот македонски новинар кој живее во Франција, Тони Гламчевски и кој заедно со својата сопруга таму организираат фестивал кој ги надмина нивните национални граници. Оттука и сериозноста на овој проект, кој со таа поддршка оттаму, дава сериозни намери и за локалната домашна филмска продукција да го негува етно жанрот, зошто конечно истиот доби свој фестивал кај нас. На средината со новинарите зборуваше и селекторот Тони Гламчевски.

Целта ни е да промовираме етнографски филм и визуелна антропологија, преку пристапен фестивал, кој ја рефлектира различноста на антрополошките реалности и современите прашања, истовремено обезбедувајќи простори за средби и дијалог. Наша цел е да го направиме етнографскиот филм попристапен до пошироката јавност.

Втора година по ред, овој интердисциплинарен фестивал претставува голема средба околу етнографскиот филм. Тоа им овозможува на различни, често далечни култури и традиции да се сретнат, да разговараат и да размислуваат за етнографијата и предизвиците низ кои минува општеството.

Ова е со цел да се поттикнат истражувачки и креативни пристапи во етнографските документарни филмови, да се едуцира публиката за богатството и различноста на локалните културни традиции, како и да биде глас на совеста за проблемите на современите општества предизвикани од потценувањето на вредноста на културното наследство, истакна Гламчевски.

Фестивалот е под покровителство на Собранието на РСМ, дел е од националната програма на Министерството за култура, а има поддршка од Општина Битола, Агенцијата за филм и неколку локални комапнии. 

Влезот за сите настани е бесплатен. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.