Францускиот институт во Скопје и издавачката куќа „Антолог“, во рамките на одбележувањето на 50-годишнината на Францускиот институт во Скопје кое е под мотото „Најдоброто од Франција“, имаат чест да ве известат и да ве поканат на интерактивна книжевна средба со еден од најзначајните француски писатели денес и лауреат на Гонкуровата наградаМатијас Енар.

Средбата ќе се одржи во среда, 19 јуни 2024, во 19 часот, во просториите на Еurope House и ќе се одвива со превод на македонски јазик.

Романот „Бусола“, за којшто тој ја доби оваа најпрестижна француска книжевна награда во 2015 година, е објавен од „Антолог“, во превод на Владо Ефтимов.

Матиjас Енар е реномиран француски писател и преведувач и добитник на бројни книжевни награди, меѓу кои и најпрестижната француска книжевна награда, Гонгуровата награда.
По образованието во Школата Лувр, заминува да студира арапски и персиски во INALCO (Институт за студии на ориентални јазици). По долгиот престој на Средниот Исток, во 2000 година, се сели во Барселона. Таму уредува неколку списанија од областа на културата. Исто така, членува во редакцијата на списанието „Inculte” во Париз а, во 2010 година, предава арапски јазик на Универзитетот во Барселона.
„Совршен истрел” е неговиот прв роман, објавен во 2003 година. Следната година, ги добива наградите „Le Prix des cinq continents de la francophonie“ и „Prix Edmée-de-La-Rochefoucauld“.
Во 2008 година, издавачката куќа „ Actes Sud“ го објавува неговиот роман „Зона“, кој е специфичен поради тоа што содржи само една реченица во прво лице, а брои дури петстотини страници. Има добиено неколку награди, вклучувајќи ги и „Prix Décembre 2008“, „Prix Candide“ и „Prix du Livre Inter 2009“.
Во 2012 година, издавачката куќа „Actes Sud“ го издава делото „Улица на крадци”, кое во суштина е патопис на еден млад Мароканец, кој скита низ Шпанија за време на Арапската пролет и големите шпански протести.
Во 2015 година, ја добива Гонкуровата награда за неговиот роман „Бусола“, кој го отсликува погледот на Истокот кон Западот. Романот „Бусола“ е преведен на македонски јазик од страна на Владо Ефтимов, а е во издание на „Антолог“.
Во 2020 година, го објавува романот „Годишен банкет на братството на гробарите”. Од септември истата година, станува продуцент и водител на емисијата посветена на книжевноста, насловена “La Salle des machines”, која се емитува на каналот France-Culture.
По неговиот прв кус престој во 2019 година во Скопје, Матијас Енар одново се враќа со цел да реализира голема книжевна средба со читателската публика.
Настанот се организира во соработка со издавачката куќа „Антолог“ , а за истиот има обезбедено симултан превод на македонски јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.