45-тото издание на фестивалот „Денови на македонска музика“ во неговиот традиционален пролетен термин ќе се одржи од 1 до 30 април 2022 година.
Во времиња исполнети со неизвесност, надминувајќи неброени предизвици, СОКОМ успева да опстане 75 години, постојано стремејќи се да ги обедини, заштити, презентира и промовира културните и духовни вредности на македонското музичко творештво. Во стремежите во иста година да се реализираат јубилејните „Деновите на македонска музика“ и да се одбележи 75-годишнината од формирањето на СОКОМ, ни се придружија и најголемите музички институции, своевремено формирани од членовите на СОКОМ (композитори, музиколози, етномузиколози, музички публицисти) меѓу кои Националната опера и балет, Филхармонијата, НУ „Танец“). „Деновите“ традиционално ги поддржува и Министерството за култура, и секако сите чинители на музичкиот живот во нашата држава.
45-тото издание на „Деновите на македонска музика“ свечено ќе биде отворено на 1 април 2022 со Гала концерт на солистите, хорот и оркестарот на Националната опера и балет. На програмата на концертот се дела инспирирани од богатата македонска фолклорна ризница, исткаени во уметнички бисери преку творечките пера на композиторите Тодор Скаловски, Стојче Тошевски, Љупчо Константинов, Тодор Трајчевски и Драган Даутовски. Под диригентската палка на маестро Вања Николовски – Ѓумар, како солисти ќе настапат сопранот Ана Ројдева, тенорот Јане Дунимаглоски, виртуозот на македонските народни инструменти Драган Даутовски на гајда и Ратко Даутовски на тапани.
45-тото издание на „Деновите на македонска музика“ опфаќа 16 концерти и пет дополнителни настани (музички средби и трибина).
Создавањето на музичкото творештво без негова презентација и изведба останува само запис што го чека вистинскиот момент да биде оживеан. „Деновите на македонска музика“ се единствениот фестивал на нашите простори што овозможува македонското музичко творештво да живее и да се создава во континуитет, како традиција, сведоштво за минатите, сегашните и идните времиња. Токму поради тоа, оваа година при конципирање на програмата нè водеше желбата да се претстави творештвото на што повеќе композитори, особено на композиторите што ја формираа македонската музичка култура и СОКОМ, но и да се задржи основното мото на фестивалот – премиерна изведба и презентација на новосоздадени музички дела.
Јубилејот на СОКОМ ќе го одбележиме со две сезони на фестивалот (април и септември), како и со бројни концерти, настани, трибини и активности во текот на целата година, со надеж што посоодветно да го претставиме и доближиме до публиката.
Фестивалот „45. Денови на македонска музика“ се одржува под покровителство на Претседателот на Р. Македонија, Стево Пендаровски.
Фестивалската брошура е достапна на следниот линк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.