Годинешниот 41. Скопски џез фестивал ќе се одржи од 13 до 16 октомври. Внимателно составената програма и годинава го имаше императивот за сочувување на високиот меѓународен рејтинг на фестивалот и традицијата тој да го претстави најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика. Десет реномирани состави од САД, Бразил, Европа и Македонија ќе музицираат во салонот на Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар. Програмата, распоредена во четири вечери, е извонредно силна, разновидна и исполнета со низа ексклузивни настапи на некои од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.
Фестивалот годинава ќе го отвори ексклузивниот концерт на ансамблот Exploding Star Orchestra, предводен од неприкосновениот лидер на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуелен артист Роб Мазурек. Ова е единствениот настап на оркестарот во Европа (покрај оној во Лисабон летово) со актуелната инкарнација на Exploding Star Orchestra, заслужна за ремек-делото „Dimensional Stardust“ од 2020 година. Ексклузивноста во Скопје ќе добие уште повеќе на тежина со придружбата на 20-члениот камерен оркестар на Fames – European Orchestral Performing Institute, изведувајќи заедно, покрај материјал од спомнатиот албум, и дело специјално напишано за оваа прилика.
Истата вечер во МКЦ ќе музицираат Zulu 3.4, современо инструментално трио од Скопје коешто го сочинуваат Дамјан Даневски (тапани), Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара). Формирани се во 2018 година, водени од идејата преку фузија на различни стилови и со употреба на современи технички помагала да создадат уникатен звук и да внесат свежина на домашната музичка сцена и пошироко. Нивната музика, распоредена на три албумски остварувања, содржи широк спектар на влијанија и инспирации: од најсуптилните мелодични изданоци на чикашкиот пост-рок па сè до некои модерни (не само) џез фузии, проникнувања и вкрстувања.
Втората фестивалска вечер ќе ја одбележи, пред сè, специјалниот проект Turiya на џез-перкусионистот број еден во светот Хамид Дрејк, посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, автор на неколку книги и духовен водач Алис Колтрејн. Се покажа дека нејзината музика изврши огромно влијание во светот на џезот, но и пошироко. Што остана од нејзината повеќеслојна, брилијантна траекторија? Хамид Дрејк си зададе задача да одговори на ова прашање, потпирајќи се врз инспиративните сеќавања на големата уметница, како и врз неговиот исклучителен талент, блескав како и интернационалната екипа врвни музичари што го придружуваат во оваа прекрасна музичка посвета: Џејми Сафт, Сузана Сантош Силва, Јан Банг, Јошуа Абрамс…
Петочната програма продолжува во МКЦ кадешто најпрвин ќе настапи новото, извонредно моќно, noise/funkrock/sound-art трио ABACAXI. Оформена околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре, оваа сосема нова инкарнација на класичната рок-постава гитара/бас/тапани претставува интензивна, наелектризирана и гласна звучна скулптура, со елементи на апстракција, ‘ржечка бучава и прог-рок, во корелација со речиси танцовите гимнастички маневри на гитаристот при манипулирањето со низата подни контролни педали, вклучувајќи ги светлосните сценски ефекти. Abacaxi е несомнено еден од највозбудливите анти-жанровски и мултисетилни актуелни бендови наоколу.
Полноќниот концерт на домашниот џез состав Taxi Consilium ќе ја заокружи првата половина од годинешната фестивалска понуда. Се работи за исклучително интересна екипа составена од неуморни музички активисти (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers и Пијан Славеј) што гравитираат околу бујно талентираниот, интелигентен и инспиративен гитарист Филип Букршлиев – ланскиот добитник на наградата „Најдобар млад македонски џез музичар“. Создаваат џез каков што го посакуваат сите вистински трагачи по музички возбуди и авантури: непослушен, непримерен, недефиниран и небезбеден.
Саботната вечер на претстојното издание на фестивалот ќе стартува со новото бразилско чудо, виртуозниот пијанист Амаро Фреитас. Искачувајќи го трнливиот пат од фавелите во североисточниот дел на Бразил до врвот, тој успеа со молскавична брзина да стекне статус на светска џез-икона. Придружен од неговото трио, тој во Скопје ќе го претстави своето најубаво и најискрено дело досега – албумот „Sankofa“, своевидна духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на т.н. црн Бразил. Подготвен да ги преиспита традиционалните структури на џезот, Амаро Фреитас поседува звук што ќе ви овозможи да го откриете пијаното на еден нов начин.
Супергрупата Subtropic Arkestra, пак, на трубачот Горан Кајфеш e веројатно најдобриот од многуте бендови со афробит, етио-џез и биг-бенд фанк корени и влијанија, во чиј состав се некои од најдобрите шведски џез музичари. Иако постојано си поигруваат со жанровите, несомнено е дека џезот, во сите негови чудесни облици, е главната состојка на нивната музика. Без разлика од која точка започнува нивното еклектично звучно патување, музиката е претставена со неверојатна страст, раскошни познавања и сензуална свежина што овој состав го чини толку посебен и специјален. Goran Kajfeš Subtropic Arkestra е врвен доказ дека музиката го прави животот вреден за живеење.
Полноќната саботна програма ќе мине во знакот на уште еден ексклузивитет – светската премиера на новиот проект на Дејмон Локс и Роб Мазурек – New Future City Radio. Двајцата подеднакво одговараат за електронските делници, но секој посебно го презема водството кога е потребно, со своите специјалитети – Роб со трубата, а Дејмон со гласот. Нивната музика во еден миг може да зазвучи отворено бомбастична, а во следниот нежно емотивна, а најчесто е некаде во средината. Велат: „Зборуваме за пост, пост, пост, иднина. Зборуваме за издржливост и левитација. Зборуваме за убавината и структурниот интегритет на нашиот народ. Зборуваме за светлосните зраци кои раскажуваат приказни и едуцираат. Ајде да зборуваме за новата иднина!“ Во Скопје, како специјален гостин, ќе им се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара (Hurtmold, São Paulo Underground…).
Последната вечер на 41. Скопски џез фестивал ќе ја отвори гордоста на бруклинската авангардна сцена, џез-триото Thumbscrew. Нашата публика ќе ја има привилегијата да биде дел од одбележувањето на десетгодишнината од работата на оваа генијална музичка појава, составена од реномираните њујоршки ѕвезди: Mary Halvorson (гитара), Michael Formanek (бас) и Tomas Fujiwara (тапани). Средбата со нивниот извонредно отворен, жив, духовит и не помалку амбициозен музички израз ќе ни овозможи да го откриеме нивниот уникатен музички универзум, како и да го вкусиме новото возбудливо дело „Multicolored Midnight“ (Cuneiform Records), седмиот албум на групата.
Годинешното фестивалско издание ќе го заклучи еден од најзначајните и најбараните (контра)басисти на светската џез и импро сцена денес Ингебригт Хакер Флатен со својот нов проект (Exit) Knarr. „Knarr“ е тип на брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, што се користел за пловидба по светот, исто како што Ингебригт патува низ светот воден од неговите музички авантури. (Exit) Knarr е посвета на различните места што ги посетил, а секоја песна го доловува духот на градовите Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам… Музиката е резултат на неговите богати искуства во различни жанрови и традиции изградени во текот на долгата кариера, длабоко вкоренети во џезот и авангардата, но и во музиката на светот и психоделичниот рок.
|
|
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.