Културно-едукативниот центар „Небрегово“ денеска по повод 30 години од смртта на Блаже Конески организира „Отворен час за бесмртниот Конески“ кај споменикот пред МАНУ.

На настанот ќе учествуваат ученици, студенти, професори и други почитувачи на Блаже Конески, а ќе бидат рецитирани лични поетски творби од учесници на конкурсот „Конески е бесмртен“ од ученици од ОУ „Блаже Конески“, гимназијата „Јосип Броз Тито“ и гимназијата „Никола Карев“ од Скопје, од каде имало најмногу учесници на сите конкурси досега.

За ликот и делото на Блаже Конески ќе говорат Весна Мојсова-Чепишевска и Атанас Конески.

Само низ креативен ангажман на ученици, наставници, професори, научници и сите други почитувачи може да се потврди дека го цениме ликот и делото на бесмртниот Блаже Конески – истакнува Атанас Конески, секретар на КЕЦ „Небрегово“.

Со полагање на цвеќиња на споменикот Блаже Конески во центарот на Прилеп, делегации од НУ Завод и музеј Прилеп, од НУЦК „Марко Цепенков“; од општините Прилеп и Долнени, од библиотеката, од ОУ „Блаже Конески“ и од Клубот на литературни творци – Прилеп, одбележаа 30 години од смртта на кодификаторот на македонскиот јазик Блаже Конески. При тоа беше посочено дека Конески не е отсутен, дека е се попирисутен од кога и да е, и поблизок до нас, особено до учениците кои учат азбука.

Делото на Конески е тестаментно, зашто тој како наддржавен авторитет во нашата културна ризница остави траен печат… Конесеки е еден од бројните интелектуалци, кој со своето творештво остави неизбришливи траги во македонската лингвистика и во современата македонска литература. Тој е најмаркантната личност на 20 век.. Конески беше истакнат прозаист, есеист, публицист, литературен историчар, полиглот, препејувач на низа дела од страна значајни странски автори. Вонсериски лингвист, меѓународен славист, кој го кодифицираше македонскиот литературен јазик, автор е на 13 поетски книги, лауреат на многу награди и признанија. Неговите дела се преведени на голем број јазици. И денес неговото дело е значајно – рече м-р Лилјана Неделкоска, библиотекар во прилепскиот Завод и музеј и лице задолжено за куќата на Конески во родното Небрегово, која многу често е посетена од домашни и странски посетители и ученици.

Во чест на великанот со творби се претставија ученици од ОУ „Блаже Конески“, како и поети од Клубот на литературни творци – Прилеп.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.